Белгија ги укинува тестовите и уверенијата за невиност на жените


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Откако во 2018 година Светската здравствена организација даде препорака до Белгија, оваа европска држава конечно става точка и ги укинува тестовите и уверенијата за невиност на жените.

Тестовите за невиност традиционално се практикуваат во повеќе земји во светот, меѓу нив Мароко, Авганистан, Јужна Африка, Либија, но и Северна Ирска и Велика Британија се места каде таа пракса одамна постои. Белгија, Канада, Холандија, Шпанија и Шведска, иако немаат таква традиција бележат зголемување на барања за вакви уверенија во последните 100 години, како резултат на трендовите на глобализација, смета СЗО, која бара да им се стави крај.

Националниот медицински совет на Белгија одлучи на 16 февруари дека лекарите во земјата треба да престанат со оваа пракса и дека не постои никакво оправдување да се бара уверение за невиност.

„Нема никаква медицинска или научна смисла да се практикува овој тест, притоа станува збор за тестови кои најчесто ги бара трето лице, а од етичка гледна точка сметаме дека секое лице слободно располага со своето тело и право што сака од својата сексуалност“, објаснува гинекологот Мартин Каје.

Според белгискиот национален медицински совет, тестови за невиност можат да бидат перципирани како агресија врз жените и подразбираат дискриминација во однос на мажите, за кои не постојат слични испитувања.

„Станува збор за бескорисен тест од здравствена точка, без никаква научна релевантност, а со тешки последици за благосостојбата на пациентката“, велат од Советот.

Советот бара од своите членови да одбиваат да ги практикуваат овие тестови и да не издаваат такви уверенија доколку се побараат од нив.

Лекарите потсетуваат дека овие тестови не треба да се поистоветуваат со вештачењата врз пациентки жртви на сексуално насилство, кои се сосема различен вид испитувања и мораат да се одвиваат во услови на почитување на жртвата од страна на добро обучени специјалисти.