Актуелно

Бејли и Жбогар на разговор со Груевски – еве што им кажа тој

Доцна синоќа македонските медиуми добија невообичаени три соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ за средбите на лидерот на партијата Никола Груевски и партиски претставници со амбасадорите на ЕУ, САД и Норвешка. Невообичаено за официјални соопштенија, овојпат Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ реши да биде поискрен и да објави нешто повеќе од протоколарните реченици.

Вчерашните ненајавени средби на амбасадорите со Груевски очигледно е дека биле потикнати од протестите пред ДИК, од медиумските написи за вмешаноста на некои држави во внатрешните работи на Македонија и од речникот употребен за време на протестите од високи партиски претставници за улогата, особено на амбасадорот Бејли во изборниот процес.

Нормално е амбасадорите да се интересираат за работите во земјата каде што се дипломати и за ова да ја известуваат земјата од каде што доаѓаат. И толку. Без мешање во внатрешните работи. Ова, во слободно толкување, бил одговорот на Груевски до Џес Бејли кога американскиот амбасадор прашал како може да помогне. На забелешката на амбасадорот дека и досега тој многу помогнал, му била изразена благодарност за тоа, се вели во партиското соопштение.

Освен ова, Груевски и неговите партиски соборци го информирале Бејли дека составувањето на новото мнозинство за владина коалиција зависи и од влијанието на надворешните фактори врз одредени партии. На прашањето на Бејли за какви надворешни фактори станува збор, Груевски одговорил дека тој и присутните на средбата немаат овластување да го информираат.

Уште еден момент од оваа вчерашна средба е интересен. Која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК беше наредното прашање на Бејли. Во моментов не сме во можност да ви одговориме, рекле партиските претставници. „ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО, ЕУ и односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но тоа не значи дека некои поединци, партијата или државата не можат да изразат некое несогласување со некои чекори на поединци кои ги претставуваат САД“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Средбата со амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар можеби и не била толку напната како со Бејли. Сепак, од невообичаената отвореност во официјалните соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ се дознава дека и тука имало пораки кои укажуваат не сериозното незадоволство на партијата од различниот аршин во согледувањето на работите од страна на претставнциите на ЕУ.

Жбогар изразил загриженост од реториката која се користи од дел од говорниците на протестите пред ДИК. На ова, партиските претставници го потсетиле амбасадорот на демострациите што се случуваа во државата во последните две години.

„Од партијата се потенцира дека е повеќе од две години загрижена од реториката, но и активностите кои беа преземани при протестите кои се случуваа во Македонија, како што беа палењето на канцелариите на претседателот на државата, кршење и уништување на државен имот, обидите за насилно влегување и палење на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, што беше спречено од полицијата и редица други слични постапки. Поддржуваме мирни демонстрации и не поддржуваме говор на омраза, но жалиме што Брисел и меѓународната заедница не изразуваа ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Амбасадорот Жбогар исто така кажал дека очекува лидерство во правец на неескалирање на состојбите, но добил одговор дека ништо не може да се предвиди бидејки има голем број револтирани граѓани чии постапки не може да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот.

Вчера Груевски и високи партиски претставници се среднале и со норвешкиот амбасадор Арне Санес Бјорнстад. И тој ја примил пораката дека партиите кои изгубиле на изборите во Македонија сега, заедно со поддржувачите, се обидуваат да издејствуваат незаконско гласање на членовите на ДИК и изигрување на волјата на граѓаните. Груевски рекол дека неговата партија нема да дозволи спроведување на постизборен инженеринг.

Освен ова, Бјорнстад бил информиран дека за време на изборите СДСМ вршел плаќање на гласачи, особено во социјално ранливите семејства, што барем во еден дел било документирано од надлежните институции и веќе биле водени постапки.

И овој амбасадор бил информиран за сериозно мешање на одредени преставници на меѓународната заедница во внатрешните работи на земјата и внатрешнополитичките и меѓупартиски работи. Таа пракса треба да запре, соопшти партијата.

Advertisements
To Top