BBC анализа: Шегаџиите Вован и Лексус – медумска алатка на моќниот Кремљ


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Двајцата телефонски мајтапчии Вован (Владимир Кузнецов) и Лексус (Алексеј Столјаров), кај нас станаа актуелни завчера и вчера (светот ги знае од многу поодамна, ама ние очигледно не сме баш во тек со светот) откако беше објавена речиси едночасовната снимка со разговори кои тие ги правеле со актуелниот премиер Зоран Заев.

Шегаџиите кои на Заев му се претставувале дека се бившиот украински претседател Петро Порошенко и актуелниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, досега во нивната „пранкстерска“ кариера имаа таргетираат голем број непријатели на Кремљ, а снимките од нивните наводни разговори добиваат многу минути и позитивни коментари на руската телевизија, вели експертот на „Би-би-си мониторинг“ за Украина и Русија Витали Шевченко, во опсежна анализа направена од оваа телевизиска куќа во 2018, пренесува Мкд.мк.

Вован и Лексус, спроведуваат тактика на провокативно испрашување, а телевизијата потоа честопати погрешно ја претставува содржината на ваквите разговори за да ги прикаже своите жртви во лошо светло. Пранкстерите, исто така, честопати добиваат платформа за да ги емитуваат своите прокремљски ставови на телевизија.

Според службата за следење медиуми Медиалогија, федералните телевизиски канали, односно оние што емитуваат низ цела Русија, пренеле повеќе од 400 вести во кои се споменуваат пранкстерите во 2017 година.

Во текот на изминатата година, дуото тврди дека разговарало со украинскиот претседател Петро Порошенко, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, американскиот претставник за решавање на состојбата во Украина Курт Вокер и сенаторот Џон Меккејн, меѓу другите. Руската телевизија извести за сите наводни разговори на шегаџиите со тие луѓе.

Тактиката

Тактиката што ја користат Вован и Лексус содржи лажно претставување, тие се претставуваат како некој со кого нивната жртва најверојатно ќе сака да зборува – како што се наклонетите функционери од некоја пријателска земја.

На пример, еден од нив тврдел дека е шефот на украинскиот совет за национална безбедност, Олександр Турчинов, во телефонскиот разговор со Курт Вокер.

Тие потоа се обидуваат да ја испровоцираат својата жртва да даде лекомислени изјави за време на наводно приватен разговор, вели Би-би-си.

Содржината на ваквите разговори често се вади од контекст или на друг начин погрешно се прикажува на руската телевизија, каде што водителите, гостите или самите пранкстери ги прикажуваат геополитичките противници на Москва во лошо светло, но тоа не го поткрепуваат со директни цитати или аудио, вели Би-би-си.

Државната телевизија со симпатии кон нив

За активностите на дуото постојано се известува позитивно на руската државна телевизија. На пример, на 29 декември, Канал Еден емитуваше скоро 10-минутен весел прилог за Вован и Лексус.

Двајцата добија можност да разговараат за своите шеги, а Канал Еден ги опиша како „сериозен жанр“.

Во еден момент, еден гостин во емисијата, наречена „Човекот и законот“, призна дека тие двајца всушност го прекршиле законот, но продолжи да ги брани.

„Да, всушност, ова е хулиганство. Но погледнете колку интересни информации добиваат момците од богатите и моќните!“, се восхитуваше гостинот.

Тој исто така истакна: „Во 2014 година момците одлучија да се мајтапат со повеќе истакнати политичари“. Овој пресврт во фокусот се совпадна со зголемениот меѓународен притисок врз Русија поради нејзините дејства во Украина.

Канал Еден, исто така, застана на страната на пранкстерите кога го коментираше повикот кон американската конгресменка Максин Вотерс во февруари 2017 година.

Нарекувајќи го тоа „спектакуларен мајтап“, презентерот на каналот рече: „Познатите шегаџии Вован и Лексус буквално го уништија угледот на еден член на Претставничкиот дом на САД, потсмевајќи се со интелектуалните способности на жртвата – подоцна се покајаа пред онлајн-публиката од руски говорители, но тие сè уште се тркалаат на под од смеење“.

Во разговорот со Вотерс дуото тврдело дека руски хакери ја нападнале непостоечката држава наречена Лимпопо.

На уште еден клучен државен канал, Расија 1, главниот прокремљски коментатор Владимир Соловјов тврдеше дека „Вован и Лексус се попочитувани од Порошенко и (поранешниот украински премиер Арсениј) Јацењук“.

Студија на случај 1: Шефот на украинската фабрика за ракети

Во август 2017 година, двајцата шегаџии му се намерачија на Серхиј Војт, раководител на фабриката за ракети Пивденмаш (Јужмаш) во Украина, откако Западот почна да тврди дека Русија и Украина можеби извезувале ракетна технологија во Северна Кореја.

Руската државна телевизија тогаш погрешно ги протолкува зборовите на Војт за соработката „со Кореја“ и тврдеше дека тој признал дека извезувале ракетни мотори во Пјонгјанг, иако можеби тој мислел на Јужна Кореја.

„Почнавме да правиме само ситни работи со Кореја. Нашето дизајнерско биро во Пивден работи со Кореја повеќе од 14 години, а со Кина повеќе од 20 години. Што бараат тие (моторите) таму? Не знам. Само можам да претпоставувам“, се слушаше како вели човекот идентификуван како Војт, во клипот што го емитуваше Канал Еден на 16 август.

Водителот на каналот – очигледно зборувајќи за соопштението што го објави Пивденмаш (сега отстранета, кеширана верзија) – рече дека Војт „подоцна се обиде да се оправда, велејќи дека мислел на Јужна Кореја“.

Можноста Војт навистина да мислел на Јужна Кореја ја немаше во известувањето на Расија 24 (чијашто онлајн-верзија е насловена „Директорот на Пивденмаш им раскажува на пранкстерите за шверцот на мотори во Северна Кореја“).

И сестринскиот канал на Расија 24, Расија 1, како и Канал 5 од Санкт Петербург, одбраа да ја отстранат претпоставката на Војт дека делови од ракетите можело да бидат испорачани во Северна Кореја од Кина.

Според Канал 5, тој „практично призна дека подредените на Порошенко ја снабдуваат Северна Кореја со технологија за проектили“.

Но Канал Еден подоцна отиде уште подалеку, па извести дека Војт во разговорот комплетно признал дека Украина испорачува ракетни делови во Северна Кореја. „На шефот на Пивенмаш му се испушти за снабдувањето на Северна Кореја со ракетни мотори“, се вели во едно известување на 29 декември.

Студија на случај 2: „Шефот на НАТО“

Во февруари 2017 година Вован и Лексус тврдеа дека го наместиле генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Наводниот разговор беше објавен, меѓу другите, од Канал 1, Расија 24, од телевизијата Звезда на министерот за одбрана, телевизијата НТВ и од Живот ТВ, иако НАТО негираше дека тоа воопшто се случило.

Една аудиоснимка емитувана од НТВ во сопственост на Газпром-медиа ја открива тактиката на провокативно распрашување на пранкстерите. Во неа, Лексус, наводно претставувајќи се како Порошенко, се слуша како прашува: „Нашите американски партнери ми кажаа дека нашата земја може да добие членство во НАТО во рок од две години. Дали е тоа вистина?“

Машкиот глас, наводно, Столтенберг, одговара: „Мислам дека има недоразбирање. Најважни за Украина сега се реформите. Украина прво мора да се погрижи да ги исполни сите стандарди на НАТО, да ги спроведе сите реформи и потоа да аплицира“.

Канал Еден отиде уште подалеку, погрешно прикажувајќи ја содржината на наводниот разговор. „Пранкстерите беа итри. Тие нетактично бараа да бидат примени во НАТО. Тој одговори: Вие не ни требате“, рече дописникот на каналот.

Во тој прилог се појави и самиот Лексус, кој тврдеше: „Во овој разговор се разоткри целата негова русофобија“.

Сепак, не беше емитувано ништо што би го поткрепило ова тврдење, а гласот што наводно му припаѓа на Столтенберг никогаш не ја ни спомена Русија.

Студија на случај 3: „Русофобната“ Нобелова лауреатка

Обвинувања за „русофобија“ беа упатени и кон белоруската писателка Светлана Алексиевич, добитничка на Нобеловата награда, откако таа остро ја критикуваше вмешаноста на Русија во Украина.

Повторно, пранкстерите употребија тактика на провокација, а зборовите на Алексиевич потоа беа погрешно пренесени на телевизија.

Во известување што го емитуваше Расија 24 се слуша гласот на мајтапчијата, кој се претставува како украинскиот министер за култура, Јевхен Нишчук, како сугерира дека Украина мора да изврши „дерусификација и декомунизација“.

Алексиевич одговара: „Тоа е многу сложен проблем. Се разбира… мислам дека тој може да се реши само во идните генерации… Во детските градинки… почнувајќи со детските градинки. Да пораснат нови луѓе и нова нација“.

Презентерот потоа ги опишува забелешките како „тврдокорна ултрадесничарска реторика“ и му дава збор на самиот Вован.

„Ова е модерен фашизам. Јас бев престрашен што го слушам ова од еден Нобелов лауреат“, рече тој.