„Бацирака“ и бакнување во образ на пауза: Коронавирусот ги промени и верските обичаи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Како најелементарни и првични превентивни мерки против ширењето на коронавирусот, чија епидемија го тресе светот, се редовното миење раце и дезинфекција на дневна основа, порачуваат сите светски здравствени власти и организации.

Овие мерки и препораки директно влијаат и ги менуваат и традиционалните обичаи, и светски и религиозните, што е потврдено со упатствата на католичките, православните и муслиманските заедници.

Светската здравствена организација (СЗО) го стави редовното миење раце и дезинфекцијата во центарот на сите упатства за заштита на граѓаните од ширење на болеста, а ваквите упатства ги објавуваат и властите на многу земји погодени од заразата.

Ширењето на болеста привремено ги бриши традиционалните обичаи, па така министерот за здравство Ален Берсет во неделата ги советуваше своите сонародници Швајцарците да се откажат од секојдневното бакнување во образ, пренесува Ројтерс.

Како во Франција, така и во Швајцарија широко распространет е обичајот при секојдневното поздравување меѓусебно да се бакнуваат и во двата образи жените, односно мажите и жените, со мала разлика што во Швајцарија бакнежот е асиметричен и се даваат вкупно три бакнежи, а во Франција два.

Францускиот министер за здравство Оливие Веран уште во петокот ги советуваше своите граѓани да избегнуваат да се ракуваат, но не кажа ништо за бакнувањето.

Швајцарија веќе воведе забрана за настани што би можеле да привлечат 1.000 луѓе или повеќе до 15 март, а Франција кон крајот на минатата недела забрани собирања во затворен простор што може да привлече 5.000 луѓе.

Во Франција, бискупиите презедоа мерки против ширењето на коронавирусот. На свештениците во Париз, Рен, Лил, Лион и Марсеј им е советувано да не им даваат нафора во уста, туку да ја положат во раката на верниците, пренесува АФП.

За да не се шири заразата им било наложено да ги испразнат садовите со осветена вода која со прстите верниците ја допираат кога влегуваат и излегуваат од црквата.

Во упатствата се вели дека верниците на миса не треба да се ракуваат со свештеникот.

Овие мерки се применуваат „до нови упатства“, наведе бискупијата во Марсеј.

Во Франција мерки за да спречување на ширењето на коронавирусот се преземени и во џамиите, пренесува АФП.

„Избегнувајте да се ракувате“, а при земање абдест, користете марамчиња за еднократна употреба, советува Францускиот совет за муслимански верници, кој ги повика имамите да преземат акција против ширењето на новиот коронавирус (ковид-19).

Романската православна црква им дозволи на верниците кои се плашат од зараза со коронавирусот да не ги бакнуваат иконите и ги повика да користат еднократна лажица за Светата Причест, пренесува АФП.

„Верниците кои се плашат од зараза можат привремено да избегнуваат да ги бакнуваат иконите во црквите“, објави православната патријаршија во соопштение од четвртокот.

Заболените верници кои не се во можност да присуствуваат на миса се повикани да ја користат „благословената вода“ што ја имаат во своите домови од Водици во почетокот на јануари, се вели во упатството.

Патријаршијата додава дека ова се „вонредни мерки што се дозволени само заради закана од епидемија“.