Басконија го „погреба“ Реал во „плиткиот гроб“ кој сами си го ископаа


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Со огромни маки Пабло Ласо се соочува ова сезона – од бројни проблеми со повреди, до лоша форма на неколку клучни играчи. А синоќа го претрпе и еден од најтешките порази во тренерската кариера. Поточно, негов и клупски најтежок пораз во Евролигата. Кралевите не само што паднаа на колена пред Басконија, туку и сами си ископаа „плиток гроб“ и си влегоа во него – 105:75 (36:17, 28:27, 24:19, 17:12).

Басконија се разгоропади како што тоа одамна го нема направено. После ужасниот почеток на сезоната и доаѓањето на Педро Мартинез, тимот го разнесе на најситни делови великанот од Мадрид и покажа пред цела кошаркарска Европа дека кризата одамна е минато.

Не треба многу да се коментира ниту објаснува натпреварот во кој Басконија веќе после осум минути игра водеше со 21 поен разлика (27:6), а до крајот на првиот дел уфрли вртоглави 36 поени. До полувреме водеше со веќе надреални 64:44.

Басконија беше на прагот од стравичен рекорд, односно до титулата екипа со најмногу постигнати поени во првото полувреме. За тоа на воините од Мартинез им беа потребни само два поени, па така тие останаа во друштво на Реал и Панатинаикос, кои исто така имаат постигнато по 64 поени своевремено.

До крајот на дуелот Басконија само рутински ја одработи работата и стигна до конечни 30 поени разлика, што пред само три седмици беше незамисливо.

Кај домаќините од Баскија апсолутно сите 12 играчи се запишаа во листата на стрелците, десетмина имаа барем седум поени, од кои петмина двоцифрен учинок. Најефикасни беа Родриг Бобуа со 15 поени, Марселињо Уертас со 13 поени и шест асистенции, Додека Џејсон Грејнџер уфрли 12 поени и имаше пет додавања.

Во мадридските редови повторно најдобар беше Лука Дончиќ, но неговите 18 поени, четири асистенции и два скока не беа ни приближно доволни за Реал да биде барем достоен противник. Двоцифрен кај „Кралевите“ беше уште само Валтер Таверс, кој на своето деби во кралскиот дрес запиша 10 поени и седум украдени топки.