Балетското ремек дело „РАЈМОНДА“ во МОБ


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Во вторник, 26 март 2019 г. со почеток во 20 часот, во Македонската опера и балет ќе биде изведено балетското ремек дело „Рајмонда” од Александар Глазунов.

„Рајмонда” е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари, 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда” е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на Романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа.

„Рајмонда” е во кореографија на гостинот од Украина, Виктор Јаременко, додека во главните улоги ќе настапат првенците: Марија Кичевска Шокаровска и Васил Чичијашвили (Грузија). Во улогата на Абдурахман, ќе настапи гостинот од Италија, Давиде Буфоне. Улогата, Бела Дама ќе ја толкува Наташа Јосифовска. Настапуваат истакнати солисти, солисти, целиот балетски ансамбл и оркестарот на МОБ.
Диригент е гостинот од Русија: Едуард Амбарцумјан.

„Рајмонда” е претстава со прекрасни костими и спектакуларна сценографија, што ги изработи нашето атеље, под менторство на гостите од Украина: Гана Ипатиева и Андреј Злобин.