Home Актуелно Бајден со закана до нафтените компании дека ќе им воведе специјален данок за екстра профит

Бајден со закана до нафтените компании дека ќе им воведе специјален данок за екстра профит

Претседателот на САД Џо Бајден апелираше до нафтените и гасните компании да ги искористат своите рекордни добивки за да ги намалат трошоците за Американците и да го зголемат производството, заканувајќи се со воведување специјални даноци на екстра профитот една недела пред изборите за Конгресот на средината на претседателскиот мандат.

Во обраќањето во Белата куќа, Бајден ги критикуваше големите нафтени компании за огромните профити додека Американците, уморни од инфлацијата, плаќаат големи сметки за гориво и енергенси.

„Нафтената индустрија не ја исполни својата обврска за вложување во Америка и поддршка на американскиот народ“, кажа Бајден. „Не остваруваат само чесен поврат, туку остваруваат толку висока добивка што е тешко да се поверува. Нивните добивки се воено профитерство“, кажа американскиот претседател, алудирајќи на конфликтот во Украина.

„Мислам дека тоа е нечуено“, кажа тој. Кога таа заработка би ја пренеле на потрошувачите, цените на бензинот би паднале за околу 50 центи, додаде.

„Ако тоа не го направат, ќе платат поголем данок на својот вишок профит и ќе се соочат со други ограничувања“, кажа Бајден. „Белата куќа ќе работи со Конгресот на овие и други опции. Време е компаниите да престанат со воено профитерство“.

Бајден се закани една недела пред изборите на кои Американците одлучуваат дали неговите демократи ќе ја задржат контролата над американскиот Конгрес.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…