Авторот на споменикот од Михаил Калашников направи непоправлива грешка


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На 19 септември во Москва беше откриен споменикот посветен на Михаил Калашников, креаторот на легендарната пушка АК-47 во светот попозната како калашников (според презимето од нејзиниот творец).

На отворањето на скулптурата, чиј автор е рускиот уметник Салават Шербаков, министерот за култура Владимир Медински рече дека „Калашников е олицетворение на најдобрите особини на рускиот народ“, а пушката која ја иновирал тој е „некој вид на културен бренд на земјата“.

Но, не требаше да помине многу време за да се јават критичарите. Рускиот музичар Андреј Макаревич на својата Фејсбук страница напиша дека поставувањето на споменикот од Калашников не е пример за гордост, бидејќи станува збор за оружје од кое загинале милиони луѓе.

Макаревич додава дека не можеме да велиме оти АК-47 е создадена за да ја заштити земјата, бидејќи е иновирана после Големата патриотска војна како што Русите ја нарекуваат Втората светска војна. Тој се прашува зошто е потребна таква грда статуа која ги срами жителите на Москва пред цел свет.

Но, критиките на Макаревич се ситница во споредба со она го забележаа подобрите познавачи на оружјето.

Јуриј Пашолок, експерт за историја на воената опрема, откри неверојатна грешка во делото од Шербаков.

Наместо АК-47, уметникот на статуата во рацете од Калашников ставил примерок од германската јуришна пушка Штурмгевер 44 (Sturmgewehr 44 – StG 44 скратено). Злобниците велат дека грешката не е случајна, бидејќи Калашников со децении бил обвинуван дека при создавањето на АК047 многу ја копирал StG 44

Како и да е, уметникот веднаш изрази подготвеност да ја замени пушката на статуата. Ние не сме експерти за оружје, па да пресудиме дали навистина станува збор за таква грешка. Но, ако има некој повикан познавач на ваквиот вид на оружје, слободно нека пише.