Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Серија проблеми кои се јавија во изградбата на автопатот Кичево-Охрид ќе резултираат во дополнителни трошоци во вредност од околу 100 милиони евра, велат за ДВ извори од надзорот на градбата, пренесува Дојче Веле.
Изместувањето на трасата поради грешки во проектирањето на автопатот Кичево- Охрид ја запреле изградбата на проектот, а дали и кога градбата ќе продолжи е големо прашање, велат извори на ДВ во надзорот и во владата.
Во документот од извештајот за состојбата со проектот, кој имавме можност да го видиме, се наведуваат серија проблеми и грешки. Според првичните проценки, штетата се проценува на околу 100 милиони евра. Во Владата и во Министерството за транспорт ќе се прават и дополнителни анализи на проблемот.
Премиерот Зоран Заев вчера (понеделник) по средбата со кинеската амбасадорка Лин Лисјен потврди дека има проблеми, не само со автопатот Кичево-Охрид, туку и на делницата Миладиновци-Штип. Заев најави средби со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите со цел изнаоѓање брзо решение.
Изградбата на автопатот Кичево- Охрид веќе неколку месеци е во застој. Извештајот на надзорот покажува дека причината за стопирањето е во сериозните грешки во проектот кои биле утврдени уште пред повеќе месеци.
Грешки и штети
Најголем проблем е утврден во проектирањето на косините на автопатот кои се оценети како „нестабилни“ и тоа на четири делници од автопатот. Од Јавното претпријатие за државни патишта кое е договорна страна во проектот со кинеската компанија „Синохидро“ признаваат дека во проектот биле констатирани повеќе грешки, но велат, тие се исправале во процесот на реализација. Колкави се штетите и што тоа ќе значи за целиот проект допрва ќе треба да се утврдува, вели за Дојче веле директорот на ЈПДП Александар Стојанов.
„Работите на терен според моите информации не се запрени. Грешки во проектите има секогаш, но се снаоѓаме, што е можно се исправа. Нешто некогаш чини повеќе, нешто помалку, меѓутоа се работи на истото. Секогаш има проблеми на такви големи проекти. До сега сме имале проблеми од аспект на дислокација на земјиште, зголемување на ископите, погрешни категоризации на земјиште од проектот, зголемени површини на земјени маси кои што произлегоа од лошата геологија. Но не можам да шпекулирам. Дали е грешка во проект или на терен тоа треба да се испита. Секој проблем е поединечен и се бара поединечно решение“, вели Стојанов.
Штети има, но дали тие ќе чинат дополнителни 100 милиони евра или можеби повеќе Стојанов не сака да шпекулира. За тоа ќе бидат потребни анализи од што ќе зависи дали и од кого ќе се бара одговорност:
„Одговорноста најверојатно допрва ќе се утврдува. Треба да се провери дали воопшто било можно тие грешки да се избегнат, доколку било можно да, но доколку не било можно, тоа е тоа. Нормално е да се направат некои грешки, се работи за траса од автопат во должина од 50 километри, но колкави ќе бидат износите не можам да шпекулирам. Може да излезат поголеми суми на пари, може да се појават дополнителни работи меѓутоа точната сума не може да се каже ниту да се процени. Сите проекти кои се направени се ревидирани и сѐ е правено по сите прописи и процедури. Дали постојат проблеми во тие процедури и прописи не би можел да кажам“, коментира Стојанов.
Промашени косини
Нестабилноста на косините е „проблем кој континуирано се јавува кај усеците и засеците на повеќе делници. Потребна е дополнителна експропријација која произлегува од ублажување на косините на усеците“, се наведува во доверливиот извештај од надзорот на проектот. Поради тоа, ќе биде потребна и дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти како далекуводи, телефонски кабли и водоводни инсталации, а понатаму и дислокација на индивидуални станбени и стопански објекти кои се сечат со трасата на автопатот.
Од надзорот утврдиле и „неусогласеност меѓу проектната документација и состојбата на терен“. Поради тоа, била утврдена и потреба од претпроектирање и спроведување на правно-административни постапки за изготвување на нови дополнувања на проектите.
На оваа делница беше предвидена изградба на 7 мостови, 22 вијадукти, 6 натпатници, 13 потпатници и еден тунел.
Спорен проект
Доколку проценките за дополнителните трошоци од 100 милиони евра се покажат точни, тоа драматично ќе ја зголеми цената на автопатот Кичево-Охрид, кој и онака се сметаше за прескап. И покрај проценките на Агенцијата за патишта дека тој проект би требало да чини околу 270 милиони евра, владата на ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за изградба со кинеска фирма во вредност од 373 милиони евра. Изградбата на автопатиштата беше тематизирана и во ткн. „бомби“ на, тогаш, опозициската СДСМ која тврдеше дека експремиерот Никола Груевски за проектот од кинеската компанија „Синохидро“ барал провизија од 25 милиони евра. Откако министрите во владата на Груевски одбија да го потпишат тендерот со „Синохидро“ договорот беше заклучен преку закон во Собранието на 25 октомври 2013 година. Вкупно,двата проекти за изградба на делниците беа во вредност од 579 милиони евра, или над 5 милиони евра за километар пат. Делницата Миладиновци-Штип е со должина од 47 километри, додека автопатот Кичево-Охрид е со должина од 57 километри. Подизведувачи на проектите се македонските фирми „Гранит“ и „Трансмет“ на Сеад Кочан. Градежните работи на автопатот Кичево-Охрид започнаа на крајот на мај 2014 година.
На интернет-страницата на кинеската компанија „Синохидро“ извесно време стоеше податок дека делницата Миладиновци-Штип ќе чини 30 милиони долари, а Кичево-Охрид околу 56 милиони долари. Откако информацијата стигна до македонските медиуми овие податоци беа избришани од кинеската интернет-страница.