Актуелно

Аврамчев: Универзална поевтино е да се сруши и да се гради одново, отколку да се реновира

60 милиони евра „тешкиот“ проект со кој Универзалната сала во Скопје требаше да добие нов лик на јајце, најавен од претходната владејачка гарнитура, се отфрла поради тоа што се смета дека тие 60 милиони евра се прескапа и преголема инвестиција, пренесува Фокус.

Директорот на ЈУ Универзална сала, Филип Аврамчев, во интервју за МИА вели дека се уште не е донесена одлука дали Универзалната сала ќе се реконструира, или ќе се изгради нов објект на оваа локација, но вели дека реконструкцијата би била поскап зафат.

-За Универзална сала има три официјални проекти од кои два се за реконструкција и за доградба, а еден е за нова, фамозното „јајце“ од „Скопје 2014“ што е проект на Министерството за култура и е откажан како премногу скап. Од Министерството за култура во неформален муабет дознав дека тоа е премногу скап проект и поради тоа се откажале, но доколку имаат пари, би го правеле на некоја друга локација. Другите два се реконструкција и доградба. Со некои од архитектите со кои зборувавме, кои работат со Градот и кои разговараат на темата, сфатено е дека поголем е трошокот за реконструкција, отколку ако би се изградила нова сала, каде што би можело да се игра со површината, или што би можело да се промени во Универзална, дали да има повеќе сали, да се спојуваат во една. Може да биде многу пофункционална, отколку ако се реконструира – вели Аврамчев.

Тој посочува дека мора да се најде што побрзо некое решение, бидејќи на Скопје му фали сала.

-Не зборуваме за Универзална, туку на Скопје генерално му фали сала и му фалат културни објекти, бидејќи многу културни настани не се случуваат, што ретко некој знае за тоа дека некои настани не се случуваат бидејќи нема каде да се случат – вели директорот.

Тој појаснува зошто е вратено старото име на салата.

-Јас кога станав директор, станав директор на Конгресен центар „Александар Македонски“, што беше „нонсенс“ бидејќи беше само сменето името. Тоа беше име за тој фамозен јајце-проект откога го измислија. Јас бев директор на конгресен центар со шест сали од кои главната има 3.000 седишта, другата има 500, па 200 седишта со имиња и сè, а реално бев директор на Универзална што не работи. Кога ќе прочитаа Конгресен центар, се создаваа заблуди кај луѓето. Така што си го вративме името ЈУ Универзална сала. Јас и градоначалникот бевме за враќање – појаснува Аврамчев.

Advertisements
To Top