Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Avengers: Endgame“ достигна рекордни бројки во заработка од продажби на билети во текот на изминатиот викендот.
Суперхеројскиот филм, дваесет и втор во серијалот на Марвел студио на Дизни, собра околу 350 милиони долари во САД и Канада, според Комскор, кој ги собира податоците од благајните. Со тоа лесно го победи „Star Wars: The Force Awakens“ (2015), чија продажба во првиот викенд беше 248 милиони долари, што значи околу 270 милиони долари во денешни долари.
„Avengers: Endgame“, кој доби еуфорични критики од критичарите, наплати неверојатни 1,2 милијарда долари низ целиот свет, почнувајќи како филм број 1 во најмалку 54 земји. Дизни во неделата наутро рече дека филмот постигнал рекорд за најпрофитен прв викенд на 44 странски пазари, а киносалите Имакс во огромен дел придонеле во продажбата на билетите, особено во Кина.
„Тоа ја покажува моќта на киносалите – способноста, дури и во една хиперподелена култура, да се постигне тоа лудачки големо искуство на заедништво“, рече Меган Колиган, претседателка на „Имакс филмд ентертејнмент“.
„Младите кинопосетители ќе паметат каде биле кога го гледале ‘Endgame’, со кого го гледале и како се чувствувале“, изјави Џон Фитиан, претседател на Националната асоцијација на киносопственици. „Тоа ќе се исплати во годините што доаѓаат, на истиот начин како што кинопосетителите што пораснаа во 70-тите и 80-тите години сè уште зборуваат за влијанието што ‘Star Wars’ го имале врз нив“.