Археолошко истражување на локалитетот Врбјанска Чука


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Истражувањата на оваа тумба се изведуваа во текот на јули како резултат на меѓународната соработката меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Институтот за старословенска култура, Завод и музеј – Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс.

Оваа соработка се темели на мултидисциплинарно проучување на локалитетот, при што, покрај стандардните археолошки методи, се вршеа анализи на цералии, скроб, фитолити, вегетација, животни, школки итн. Тоа овозможи многу подетален увид во животот на неолитската популација што ја формирала оваа тумба во Пелагонија.

Во рамки на ископувањата се потврди постоење на пет неолитски градби во простор од 300 метри квадратни, од кои две се изработени од лепеж, додека останатите три од дрво, што пак укажува на различните архитектонски пристапи на земјоделските заедници во оваа населба. Во една од градбите беа констатирани дури шест стопански структури и десетина камени мелници за обработка на жито, и за сега се издвојува како единствена таква пронајдена меѓу неолитските локалитети во Македонија. Во соседната градба се открија амбари, корита, печка и платформи за помасивни структури, а во кои најверојатно се чувало жито и подготвувал леб. Имајки го предвид и големиот масивен амбар со четири корита, пронајден претходно во оваа наелба, се потврдува дека оваа населба била своевиден земјоделски центар во регионот, концентрирана на обработката на пченица и јачмен (детектирани во археоботаничките анализи).

Кон ваквиот карактер на Врбјанска Чука посочува и мноштвото луксузни садови изработени од најфина глина, полирани и декорирани со црвена боја и невообичаени црни орнаменти. Покрај нив беа пронајдени и голем број предмети кои и’ припаѓаат на духовната култура, како што се фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи итн. Меѓу останатите предмети се открија и керамички дискови, токени, кугли за праќа, тегови, камени секири, острила, кремени ножиња и шила од коска што укажува на активностите во рамки на секојдневниот живот. Археозоолошките анализи потврдија присуство на диви животни (елени, лисици, птици, риби и змии), најверојатно ловени со некои од овие предмети, како и домашни животни (говеда, свињи, овци, кози и кучиња) што се одгледувале и конзумирале во населбата. Детектирањето на некои видови птици и растенија преку анализите упатува на тоа дека просторот околу оваа населба бил мочурлив и во неолитот, што пак овозможувало плодни полиња и поголем избор на храна и ресурси (риби, птици, жаби, трска итн.).

Деталното стратиграфско проучување на населбата посочи постоење на дури три неолитски хоризонти со различни архитектонски техники, како и на еден антички и еден средновековен хоризонт. Во времето на антиката се копале јами (што пробиле дел од неолитските куќи), а во коишто се чувало жито. Поради откриените тули, имбрекси и тегули во античкиот хоризонт, се претпоставува дека на самата тумба имало стопански комплекс (можеби вила рустика), а јамите биле во релација со него. Истражувањата потврдија дека вакви активности имало и во средниот век, после чие замирање тумбата се користела и како некропола. Во целина, истражувањата укажаа на фактот дека Врбјанска Чука бил комплексен локалитет и особено динамичен во неолитскиот период. Наскоро ќе биде дефинирано и неговото точно датирање, бидејки дел од примероците ќе се анализираат во лабораториите на Универзитетот во Берн, каде што и претходно се добија исклучително битни податоци за времето во кое функционирале неолитските населби во Пелагонија.

Во рамки на овој проект учествуваа бројни стручњаци од Македонија, Чешка и Србија, а коишто им припаѓаат на повеќе научни сфери, вклучувајки ги археологијата, зооархеологијата, археоботаниката итн. Со оглед на неговата обемност тој беше финансиски подржан од повеќе институции, како што се Швајцарскиот фонд за наука, Министерството за култура, Општина Кривогаштани, Универзитетот на Јужна Бохемија и Европскиот истражувачки совет. Како резултат на конструктивната соработка и одличните податоци, се очекува истражувањата на Врбјанска Чука да се реализираат и следната година со домашна и меѓународна подршка, а до тогаш, добиените сознанија ќе се публикуваат во повеќе списанија и ќе се презентираат на неколку конференции и предавања, се вели во дописот од Центарот за истражување на предисторијата.