Архангел уште едно големо име во програмата на „Д Фестивал“ 2017 во Дојран


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Откако својот настап на „Д фестивал“ го потврдија речиси 40 музички артисти од светската, регионалната и домашната сцена, програмата на новото фестивалско лето во Дојран станува уште посилна со едно од најголемите музички имиња од македонската сцена на сите времиња.

Годинава „Д фестивал“ има чест да биде домаќин на великанот од домашната музичка сцена, легендарната рок-група „Архангел“ која ќе настапи како хедлајнер на главната бина.

Со своите безвременски хитови „Архангел“, како никој друг, постигна култен статус не само кај нас, туку ширум цела поранешна Југославија. Групата оформена во 1989 година од страна на Ристо Вртев, во својата кариера има издадено четири албуми: „Архангел 1“ (1991), „Архангел 2“ (1993), „Heart Core“ (1998) и „Небесна машина“ (2003). Со денес култните песни од овие албуми, „Архангел“ се смета за една од најдобрите групи во Македонија во деведесеттите години на минатиот век, која безмалку цели три децении убедливо стои на врвот од најреспектираните музички имиња кај нас. Станува збор за едно од малкуте музички артисти кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика.

„Неверојатно моќниот уметнички израз, пораката и енергијата која „Архангел“ ја пренесува на своите настапи, без сомнеж навестува дека пред нас е еден незаборавен концерт на „Д фестивал“ кој, пак, како единствен летен фестивал на отворено во државава ветува уште едно издание кое ќе влезе во листата на највпечатливите досега. Потврда за тоа е секако и безвременото творештво на „Архангел“ и култните песни како „Милион долари“, „Нож“, „Војна“, „Сениште“, „Uber Makedonische“, „Архангел“, „Молк“, „Човек без име и презиме“, „Вина, невина“ и ред други“, соопштува организаторот на фестивалот, „Пасворд продукција“.

Настапите ги потврдија и „Рудиментал“, Рони Сајз, Кирил Џајковски, „Куп Оскар Оркестра“, „Синистер“, С.А.Р.С., Да Џака Накот, „Стринг Форсис“, „Егоритмиа“, „Проџект Ракија“, „Чалгија саунд систем“, „Трап да фак ап“ и други.

Влезниците сѐ уште може да се набават по цена од 600 денари за фестивалот кој се одржува од 14 до 16 јули во Дојран.