„Апсете го…Легнете го ѓубрето на земја, пи*ка му материна“ – сведоштва на Бошковски во „Тортура“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денес во Кривичниот суд во Скопје, во рамки на судскиот процес за случајот „Тортура“ кој го води СЈО, во врска со насилното апсење и употреба на прекумерна сила на бившиот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски сведочеше токму тој – Бошковски.

Бошкоски како оштетен во овој предмет раскажа дека на 6.06.2011 година бил повикан во ресторанот „Воденица“ од човекот кого го сметал за пријател, а кој, како што рече, бил заштитен сведок против него. По средбата, за која Бошкоски тврди дека била местенка, поранешниот министер за внатрешни работи рече дека од ресторанот излегол со кеса со пари, а го пречекала полицијата.

„Слушнав ‘апси го‘, бев во шок и закочен во место, ја фрлив кесата и видов лица со фантомки, како и немаскирани лица. Ми ги раширија рацете и почнаа да ме претресуваат, некој извика ‘легнете го ѓубрето на земја, пи*ка му материна‘, во еден момент , со некој за мене непознат зафат, ме легнаа на земја, ме газеа со колена, а еден од нив извади пиштол, ме притисна со него за образ, а траг од тоа носев на лицето со денови и во притворот во Шутка“, раскажуваше пред судот оштетениот Бошкоски.

Апсењето, според исказот на оштетениот, му било „поздрав“ од шефот, а лицата кои го апселе, упатувајќи му псовки и за неговата сопруга, му нагласиле дека не му бегаат 7-8 години затвор.

Бошкоски апсењето го нарече брутално и непристојно, а полицајците, како што рече, го споменувале името Сашо. Во своето сведочење Бошкоски додаде дека им кажал оти знаел дека го наместил Сашо и дополни дека полицајците меѓу себе ги чул како зборуваат, да не го споменуваат името на Сашо, туку да го кажат „шефот“.

Чинот на неговото апсење Бошкоски го нарече политички реваншизам и кумулирана несфатлива омраза која, како што рече, произлегувала од неговите политички говори, а како мотив за апсењето го наведе фактот што по 19 години ја напуштил ВМРО-ДПМНЕ и ја формирал партијата Обединети за Македонија.

„Во 21 век за кажан збор да уништите семејство е срамно и ова ја згрози целата македонска јавност. Најголемите терори во мојот живот ги минав со апсењето и во притворот во Шутка, каде се обидував да заборавам, но никако не успеав. Бев под силни лекарства кои по одреден период престанаа да делуваат и на моја одговорност потпишав да примам инјекции. Минував низ пекол, кој не го посакувам дури ни на моите прогонители“, рече Бошкоски пред судот.

Во судница Бошкоски рече дека од снимката како наредбодавач го препознава обвинетиот Ивица Анчевски-Пуки кој, според него, им давал наредби на момчињата. А за момчето кое извадило пиштол, Бошкоски го препозна вториот обвинет во вториот ред од судницата на денешното рочиште, мислејќи на Новица Станковски. Бошкоски појасни дека околу препознавањето се раководи од снимката која ја гледал само еднаш, бидејќи, како што кажа, во моментите кога го апселе бил во шок и не се сеќава на ништо околу себе.

Судењето е во тек и по прашањата на обвинителите на СЈО, прашања на оштетениот треба да му поставуваат одбраната и обвинетите.

Бошкоски пред судот рече дека се приклучува кон кривичен прогон на обвинетите во овој предмет, а за оштетно побарување дополни дека дополнително ќе го извести судот преку неговиот адвокат.

Извор: Мкд.мк