Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Американскиот антикорупционер Ричард Нефју, глобален координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент, денеска пристигна во Македонија и во текот на денот оствари средби со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски и вицепремиерката Славица Грковска.
За него амбасадорката на САД Анџела Агелер денеска од воениот полигон Криволак рече дека не е тука за да ги каже имињата на лицата од „црната листа“ на САД, туку за да се дискутираат процесите, санкциите и протоколите што САД ги имаат во однос на прашањата поврзани со борбата против корупцијата.
Во соопштението од кабинетот на премиерот Ковачевски се вели дека на средбата се разговарало за актуелната состојба поврзана со борбата против корупција и мерките и активностите кои Владата ги презема во насока на системски решенија за справување со корупцијата на секое ниво, вклучувајќи ја и високата корупција. „На средбата спговорниците заеднички констатираа дека напорите кои се вложуваат во борбата со корупција се основната алатка за градење на довербата на граѓаните во институциите. Во таа насока од клучно значење е градењето на капацитетите во областа на владеењето на правото и правната држава“, соопштија од Владата. Од кабинетот на претседателот Пендаровски меѓу другото соопштија:
„На средбата претседателот Пендаровски истакна дека борбата против криминалот и корупцијата, на секое ниво, вклучувајќи ја високата корупција, е од исклучително значење во напорите за градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите. Претседателот Пендаровски посочи на подготвеноста на државата, во согласност со националните приоритети, да ја продолжи соработката со САД во напорите за сузбивање на корупцијата, а во функција на унапредување на демократските процеси во државата преку овозможување на добро управување и владеење на правото“.
По средбата на Нефју со вицепремиерката Грковска е соопштено дека се разговарало за потребата од „силен превентивен механизам кој ќе овозможи ефикасно справување со корупцијата и судир на интереси“.
„Вицепремиерката Грковска информираше за процесот на подготовка на законската регулатива која треба да овозможи конфискација без осудителна пресуда, која е во завршна фаза. Двајцата соговорници разговараа и за потребата од реформа на правосудниот систем и одговорноста што секој треба да ја носи во извршувањето на својата работа“, соопшти Грковска.