Андреј Тарковски: Слово за апокалипсата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Уметноста го потврдува сето она кое е најдобро во човекот – надежта, верата, љубовта, убавината, молитвата…Она за кое тој сонува и она за кое се надева…“, Андреј Траковски.

Во 1984 година, во рамки на фестивалот „Сент Џејмс“ во Лондон, беше организирана ретроспектива на филмовите на Андреј Траковски, кој во тоа време, поставувајќи ја во театарот „Ковент Гарден“ операта „Борис Годунов“ од Мусоргски, се подготвуваше за снимање на неговиот филм „Жртвување“. Во неколку аудиториуми тој настапувал пред публиката на тема „Создавањето филм и одговорноста на уметникот“, притоа одговарајќи на прашања од медиумите и публиката. Во една лондонска црква Траковски го одржал и своето „Слово за апокалипсата“.

Не сум баш навикнат на настапи како овој кој планирам да го одржам, на настапи на вакво место, во црква. Малку стравувам поради моите световни концепти. Но, бидеќи немам намера да држам некакво стручно предавање, туку просто ќе се обидам да размислувам за тоа што значи апокалипсата за мене како уметник, мислам дека тоа на некој начин ќе ја спаси ситуацијата и да објасни зошто сум се решил за ова и овде.

Самиот факт за учество на овој фестивал, по мое мислење, има целосно апокалиптичен карактер. Така, на пример, да ми речеа пред неколку месеци дека ова е можно, немаше да поверувам. Меѓутоа, во последно време мојот личен живот станува апокалиптичен, па оттука, и овој мој чекор е сосема природен и логичен.

Апокалипсата е можеби најголемото поетско дело создадено на земјата. Тоа е феномен кој, во суштина, ги изразува сите закони кои на човекот му се дадени одозгора. Знаеме дека многу долго се водат спорови по повод различните толкувања на овие или оние извадоци од „Откровението на Свети Јован Богослов“. Значи, грубо кажано, ние сме навикнати откривањето да се толкува, да го толкуваат. Но, според мое мислење, токму тоа не треба да се прави, затоа што не е возможно да се толкува апокалипсата. Затоа што во апокалипсата нема симболи. Таа е слика. Во таа смисла, ако симболот е можно да се толкува, сликата не може да биде толкувана. Симболот може да се дешифрира, поточно, од него може да се извлече одредена смисла, одредена формула, додека сликата не можеме да ја разбереме, туку само можеме да ја доживееме и восприемиме, бидејќи таа има бесконечен број можности за толкување. Таа како да изразува бесконечен број врски со светот, со апсолутното, со бесконечното. Апокалипсата е последната алка во синџирот, во оваа книга, последната алка која ја завршува човечката епопеја, во духовна смисла на зборот. Живееме во многу тешко време и неговата сложеност се зголемува секоја година. Иако, ако имаме и мало познавање од историјата, можеме да се потсетиме дека досега повеќе пати се има зборувано за наближување на апокалиптични времиња. Речено е дека: „Благословен е оној кој чита и оние кои ги слушаат зборовите на пророштвото и го чуваат она кое е напишано во него, бидејќи време то е блиску“. Па, сепак, условноста на времето е толку очигледна, што ние не можеме точно да одредиме кога ќе се случи она за кое пишува Јован. Тоа може да биде утре, може за илјада години. Токму во тоа е смислата на таквата духовна состојба на човекот кој треба да чувствува одговорност пред сопствениот живот. Невозможно е Откровението да настанало тогаш кога се истрошило нашето време. Затоа не смее да се изведуваат никакви заклучоци од текстот за Апокалипсата по повод времето како такво. Сигурно сте забележале дека во Апокалипсата има многу точни бројки, датуми. Се наведува број на жртви и број на праведници. Но, од моја гледна точка, тоа воопшто ништо не значи, тоа е како некој сликовит систем кој се доживува емоционално. Бројките, некои точни моменти, се важни за да се почувствува човечката судбина, да се запознае иднината. Ќе објаснам со пример. Од мали нозе многу ја сакав книгата „Робинзон Крусо“ – секогаш страшно многу ми се допаѓаше и ме возбудуваше набројувањето на она што беше изнесено на брегот и што беше плен на Робинзон. Ние живееме материјализирано, повторувајќи за постоењето на просторот и времето. Поточно, ние живееме благодарение на присуството на овој феномен, или двата феномени, и многу сме чувствителни на нив затоа што тие ги ограничуваат нашите физички рамки. Но, како што на човекот му е познато, човекот е создаден по Божја слика и прилика, и според тоа има слобода на волјата и способност да создава. Во последно време, и не само тогаш, туку веќе доста долго, ние често си го поставуваме себеси прашањето: Дали творењето не е грешно? Зошто се појавува такво прашање кога ние несомнено знаеме дека творењето потсетува на тоа дека ние сме создадени, дека сите имаме еден Татко? Зошто тогаш се јавува таква, би рекол богохулна мисла? Затоа што културната криза во последниот век доведе до тоа уметникот да може без било каков духовен коцепт. Кога создавањето станува некој вид на инстинкт, или не знам веќе што. Па, ние знаеме дека и некои животни, исто така, имаат естетско чувство и дека можат да создаваат нешто завршено во формална, природна смисла. Ете, на пример, да го споменеме саќето кое го создаваат пчелите, за во него да го складираат медот. Уметникот почна да се однесува кон талентот кој му е даден како кон своја сопственост, поради што мисли дека има право да смета дека талентот на ништо не го обврзува. Со ова се објаснува таа обездуховеност која владее во современата уметност. Уметноста се претвора или во некакво формалистичко трагање, или во производ за на пазар. Не треба да ви објаснувам дека кинематографијата се наоѓа во самиот центар на оваа состојба. На крајот, како што е познато, таа се роди кон крајот на минатиот век на панаѓур со цел за чиста заработка.

Неодамна бев во Ватиканскиот музеј. Таму има голем број сали посветени на религиозното сликарство. Тоа секако треба да се види, затоа што е ужасно. И јас не разибрам зошто, да ми простите, овие дела се поставуваат на ѕидовите од еден таков музеј. Како тоа може да ги задоволува религиозните луѓе и посебно црковната католичка управа. Тоа е, просто, поразително. За современата криза. Ние живееме во погрешен свет. Човекот е роден слободен и храбар. Но, нашата неволја лежи во желбата да се сокриеме и заштитиме од природата која нам сè повеќе и повеќе нè принудува да се збиеме едни крај други. Ние општиме не затоа што сакаме да општиме, не затоа што уживаме во општењето, туку за да не биде толку страшно. Оваа цивилизација е погрешна ако нашите односи се градат на таков принцип. Сета технологија, сиот таканаречен технолошки прогрес кој ја следи историјата, во суштина создава протези – тој ги продолжува нашите раце, ни го изострува видот, овозможува да се движиме многу брзо. И ова има принципиелно значење. Ние денес се движиме неколку пати побрзо отколку во минатиот век. Но, тоа не нè направи посреќни. Нашата личност, нашата, ако можам така да кажам, персоналност, влезе во конфликт со општеството. Ние не се развиваме хармонично, нашиот духовен развој толку заостана што веќе сме жртви на лавинскиот процес од технолошкиот развој. Не можеме да излеземе од овој вртлог дури и да сакаме. На крајот на краиштата, кога кај човештвото се создала потреба за нова енергија заради технолошки развој, и кога човештвото ја открило оваа енергија, тогаш тоа не се покажало морално подготвено за да ја искористи истата за свое добро. Ние сме како дивјаци кои не знаат што да прават со електронскиот микроскоп. Да се коваат шајки со него, да се рушат ѕидови? Во секој случај, станува јасно дека ние сме робови на овој систем, на овие машини, кои веќе е невозможно да бидат запрени.

Потоа, во поглед на историскиот развој, ние толку почнавме да не си веруваме едни на други, да не веруваме дека едни на други можеме да си помогнеме (иако се прави сè за да преживееме заедно), дека ние самите, секој од нас лично, всушност, не учествуваме во општествениот живот. Личноста нема никакво значење. Накратко кажано, го губиме она што ни било дадено од самиот почеток – слобода на изборот, слобода на волјата. Ете зошто нашата цивилизација ја сметам за погрешна. Рускиот филозоф и историчар Николај Берѓаев доста прецизно забележал дека во историјата на цивилизацијата постојат две етапи. Првата е историјата на културата кога развојот на човекот е горе-долу хармоничен и базиран на духовна основа, и другата, кога почнува верижната реакција која не е потчинета на волјата на човекот, кога динамиката излегува од контрола, кога општеството ја губи културата.

Што е Апокалипсата? Како што веќе претходно реков – тоа е слика на човечката душа со нејзината одговорност и обврски. Секој човек го проживува она кое е тема на Откровението на Свети Јован. То ест, не може да не го проживува. И на крајот на краиштата, токму затоа ние можеме да кажеме дека смртта и страдањето во суштина се еднакви ако страда и умира една личност или се завршува циклусот на историјата и умираат и страдаат милиони. Затоа што човекот може да ја поднесе единствено онаа бариера на болка која му е нему достапна.

За нашиот комформизам. Во Откровението на Јован се вели: „Ги знам делата твои: Ти не си ни студен, ни жежок; О, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, и ни жежок, ниту студен, ќе те изблујам од устата Своја“. Поточно, рамнодушноста, неучеството, се изедначува со гревот, со престапот пред Создателот. Од друга страна: „Кои Јас ги сакам, нив ги карам и казнувам. И така, биди ревностен и покај се“.

Накратко, ова е чувство на човек кој се кае, ова, воопшто, е почеток на патот. Различни луѓе на различни начини и во различно време имаат такви чувства. Да го земеме за пример Достоевски, за кој постои верзија дека тој е религиозен, православен писател кој раскажувал за своите потраги и за особините на верата. Мене ми се чини дека не е сосема така. Достоевси ги направил своите големи откритија само затоа што бил првиот од оние кои ги почувствувале и изразиле проблемите на обездуховеноста. Неговите јунаци страдаат бидејќи не можат да веруваат. Сакаат да веруваат, но го загубиле тој орган со кој се верува. Совеста атрофирала. И од година во година, Достоевски станувал некако сè поразбирлив, па дури и модерен. Токму на сметка на тоа што овој проблем сè повеќе и повеќе се зголемува. Затоа што најтешко е – да веруваш.  Затоа што да се вервува во благодат, е сосема невозможно. Секако дека среќен е оној човек кој ја доживеал оваа состојба. Но, тешко дека секој човек може да се пофали со тоа. Најважна работа за да се почувствува слободен и среќен е – храброста.

На некој чудесен начин, сите овие проблеми се содржани во Апокалипсата. Апокалипсата, на крајот на краиштата, е приказна за судбината. За судбината на човекот кој е нераскинлив меѓу себе како личност и како општество. Кога природата го спасува видот од изумирање, тогаш животните не ја чувствуваат драмата на постоењето, опстанокот. Бидејќи човекот сам го бира својот пат благодарение на слободната волја, тој не може да ги спаси сите луѓе, туку може да се спаси само себеси. Токму поради тоа тој може да ги спаси и другите. Ние не знаеме што е тоа љубов, ние со ужасно омаловажување се однесуваме кон самите себе. Неправилно сфаќаме што значи да се сакаш самиот себе, дури и се притеснуваме пред овој поим. Затоа што мислиме дека да се сакаш самиот себе значи да си егоист. Тоа е грешка. Затоа што љубовта е – жртва. Во таа смисла, ако човек не ја чувствува – тоа може да го забележи од страна трето лица. И вие, секако, го знаете ова, бидејќи е речено: Љуби го ближниот свој како самиот себе. Поточно, сакањето себеси да е основа на чувството, мерило за тоа. И не само затоа што човекот станал свесен за самиот себе и смислата на својот живот, туку и затоа што секогаш треба да тргнува од самиот себе.

Не сакам да кажам дека јас успеав во сето ова за кое сега говорам. И природно, далеку сум од тоа за себеси да се поставам како пример. Напротив, сметам дека сите мои несреќи потекнуваат токму од тоа што не си ги слушам сопствените совети. Лошото е во тоа што околностите се јасни, а јасен е и резултатот до кој ќе не доведе погрешниот поглед на нештата. Но, неточно би било Апокалипсата во себе да го носи само концептот за казна. Можеби најважното е тоа што таа носи – надеж. И покрај тоа што времето е блиску – за сите заедно никогаш не е доцна. Апокалипсата е стравична за секој засебно, но за сите заедно во неа лежи надежта. И токму во ова е смислата на Откровението. На крајот на краиштата, токму таа дијалектика, изразена на сликовит начин, за уметникот претставува толку инспиративно, вдахновително начело, што дури и без да сакаш се чудиш колку во него може да се најде поткрепа при каква било состојба на душата. По повод исчезнувањето на времето и просторот, нивниот премин во нова состојба, кажани се восхитувачки убави зборови. По повод исчезнувањето на просторот: „И ѕвездите, пак, небески паднаа на земјата, како што смоквата, лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои; и небото се оттргна како книга свиткана, и секоја гора и секој остров се поместија од местата свои“. И небото се оттргна како книга свиткана . Не сум прочитал нешто поубаво. А еве уште и за тоа што се случило после отворањето на седмиот печат. Што да каже било кој уметник на начинот на кој е ова изразено! Како да се изрази не само оваа напнатост, туку и овој праг! „Кога (агнецот) го отвори седмиот печат, настана тишина на небото околу половина час“. Како што вели еден мој пријател – овде зборовите се одвишни. Отворен е седмиот печат, и што се случува? Ништо. Настапува тишина. Ова е неверојатно! Тоа отсуство на слика во овој случај е најмоќната слика која може само да се замисли. Вистинско чудо!

Постои книга во која авторот, Кастанеда, напишал приказна на еден новинар, поточно своја приказна за тоа како се учел кај еден мексикански врач. Тоа е запрепастувачки интересна книга. Но, поентата не е ниту во тоа. Се прочу дека немало никаков врач, дека тоа воопшто не се белешки од дневник, туку дека сето тоа го измислил Кастанеда – начин на сопствено обучување со чија помош тој сака да го измени светот, и самиот врач, и неговиот метод. Но, ова нималку не ја поедноставува суштината на нештата, напротив – ја усложнува. Поточно, ако сето ова го измислил еден човек, тогаш тоа е уште поголемо чудо отколку ако тоа навистина би постоело. Накратко, мојата мисла се сведува на тоа дека уметничката слика, на крајот на краиштата, секогаш е чудо.

Еве уште еден извадок од десеттата глава. Нешто така убаво речено за времето: „И ангелот, кого го видов да стои над морето и над земјата, крена рака кон небото и се заколна во Оној, Кој живее во веки веков, и Кој го создал небото и сѐ што е на него, земјата и сѐ што е на неа, и морето и сѐ што е во него – дека не ќе има веќе време“. Ова звучи како ветување, како надеж, а сепак, останува тајна. Затоа што во Апокалипсата постои едно место кое изгледа сосема необично за Откровението. „а кога извика, седум громови проговорија со своите гласови. И кога седумте громови проговорија со своите гласови, сакав да пишувам. Но чув глас од небото, кој што ми зборуваше: „Запечати го тоа, што зборуваа седумте громови, и немој да го пишуваш!” Интересно е што тоа Јован сокрил од нас? И зошто кажал дека нешто сокрил? Заради што ова чудно посредништво, оваа забелешка? Дали се тоа перипетии на односот помеѓу Ангелот и Јован Богослов? Што е тоа што се случило, кое човекот не треба да го знае? Па, смислата на Откровението е токму во тоа човекот да знае. Можеби нас самото сфаќање не прави несреќни. Се сеќавате: „И знаењето ја умножува маката“. Зошто? Или требало да ја сокрие од нас нашата судбина? Некој момент од судбината? Јас, на пример, не би можел да живеам ако го знам пророштвото за сопствениот живот. Самиот живот, по својата прилика, губи секаква смисла кога би знаел како ќе се заврши – секако, ја имам во предвид мојата лична судбина. Во овој детал постои некаква неверојатна, целосно нечовечка благородност пред која човек се чувствува како мало дете, истовремено и незаштитен и заштитен. Ова е направено за нашето знаење да биде нецелосно, да не се осквернави бесконечноста, да се остави надеж. Надежта е во човечкото незнаење. Незнаењето е – благородно. Знаењето е вулгарно. Затоа таквата грижа која е изразена во Апокалипсата, повеќе ми дава надеж отколку што ме плаши.

И сега се прашувам: Што треба да правам кога сум го прочитал Откровението? Сосема ми е јасно дека веќе не можам да бидам истиот како претходно, не само затоа што сум се променил, туку затоа што е кажано: Со оглед на тоа дека го знам тоа што сум го осознал, должен сум да се променам. Во врска со сето ова почнувам да мислам дека уметноста со која се занимавам единствено е можна ако таа не ме изразува самиот мене, туку во себе го акумулира она што јас можам да го дофатам општејќи со луѓето. Уметноста станува грешна штом почнам да ја употребувам заради мои интереси. И најважно е да престанувам да бидам интересен. Можеби од тоа и почнува мојата љубов кон самиот себе.

Сакам да се заблагодарам на оние кои ме поканија на денешната средба, иако јас не ни сакав да ви откријам нешто ново. Сакав само – а тоа и го добив – размислувајќи во ваше присуство, на тој начин да ја почувствувам важноста на овој момент и процес. Вие ми дадовте можност да дојдам до некои заклучоци и да си повратам некои мисли, затоа што за ова не може да се размислува во осаменост. И така, со намера да работам на нов филм, со намера да направам нов чекор во овој правец, мене ми е сосема јасно дека кон него треба да се однесувам не како кон слободно творештво, туку како кон постапка, кон принуден чин, кога работата веќе не може веќе да причинува задоволство, туку доаѓа како некаков тежок и обременувачки долг. Отворено говорејќи, не можев да сфатам дека уметникот не може да биде среќен во процесот на своето творештво. Или овој збор не е точен? Среќен? Не, никогаш. Човекот не живее за да биде среќен. Постојат далеку поважни работи од среќата.