Култура

Андова-Шопова, Андоновски и Урошевиќ во најтесен круг за наградата „Роман на годината“

„Страв од варвари“ од Петар Андоновски („Или-или“); „Маџун“ од Влада Урошевиќ („Магор“) и „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова („Темплум“) се трите романи кои беа издвоени од страна на жири-комисијата и влегуваат во најтесен круг за наградата „Роман на годината“ за 2018 година.

Жирито во состав: Фросина Пармаковска (претседател), Богомил Ѓузел, Александар Прокопиев, Елизабета Баковска и Катерина Богоева, ги издвои трите споменати романи како најдобри меѓу кои ќе бираат кој ќе ја однесе престижната литературна награда.

Насловот на наградениот роман ќе биде соопштен на прес-конференција на 15 март, во 12 часот, во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје. Свеченото врачување на наградата се предвидува за 10 април, исто така во просториите на Културно-информативниот центар во Скопје. Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 20-ти пат. Неа ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ во партнерство со Град Скопје и Културно-информативниот Центар од Скопје и со финансиска поддршка на Министерството за култура. Генерален спонзор на наградата е „Комерцијална банка“ АД.

Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе го соопшти годинашниот лауреат на 15 март.

Advertisements
To Top