Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Резултатите од направената анализа покажаа присуство на железо петнаесет пати над максимално дозволената концентрација во грозје во кавадаречко, над 20 пати над максимално дозволеното овој метал бил присутен и кај зелка, а концентрацијата му била сериозна и кај примерок од пиперка, пренесува Нова ТВ.
Се покажало дека зелката екстрахира и никел, кој, пак, бил присутен со мала вредност во пиперката, а го немало кај грозјето. Испитувана била и пченка. Таму железото било под максимално дозволеното, а никелот не бил пронајден. Мостри биле земени од две локации, во градот Кавадарци и во близина на фабриката загадувач од тешката индустрија, во атарот на селото Возарци. Загаденоста се покажала кај границата на селата Возарци и Шивец, во градот не.
Ова се дел од резултатите од анализа на почва во Кавадарци, што беа презентирани на едукација на фармери, како дел од проектот „Да ја заштитиме почвата од загадување”, спроведуван од Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес и поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско учество. Партнерска организација е кавадаречкото друштво „Екоживот”, објави МИА.
– Според резултатите добиени во лиценцирана лабораторија може да се констатира дека редовно има нови загадувања. Загаденоста со железо и никел на почвата е за 1,5 пати над дозволеното, мора да се интервенира, нагласи Кире Кочов, раководител на проектот и претставник на велешкото друштво, презентирајќи ги резултатите од истражувањето на почва во Општина Кавадарци.
Во проектот се вклучени повеќе градови. Тој нагласи дека процесот на деконтаминација на почвата го започнале пред повеќе од десетина години. Сега сакаат да ги вклучат и другите општини што претставуваат еколошки жешки точки. Сакаат последиците од загадувањето на тешката индустрија да ги отстранат и да ја прочистат почвата.
Со ова испитување, еколошкото друштво „Вила Зора“ – Велес се стреми кон утврдување тешки метали во почвата во Велес, Скопје, Тетово и во Кавадарци, но и препорачува како да се исчисти почвата од нив, односно како да се деконтаминира со помош на растенија (хиперакумулатори), кои имаат способност да ги aпсорбираат тешките метали од почвата.
Ова друштво ќе спроведе акции во Велес, Скопје, Тетово и во Кавадарци за чистење на почвата преку набавка на семенски материјал и одбирање соодветно растение за деконтаминација.
Овој проект трае три години. Целта е да утврди присуството и на други тешки метали и ќе се бара начин за справување таму каде што тоа присуство е зголемено.
На таа почва каде што се земени проби се планира да се направат опитно четири парцели на површина од половина декар. Ќе се проба со четири култури, хиперапсорбери, за да се види која е најдобра за деконтаминација. Тие опити ќе траат две години.