АНАЛИЗА: Кој кого насамари? Заев прифати ерга омнес, Ципрас одби Илинденска Македонија!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Се играат големи игри околу нашето име, а кој кого насамари после најновите случувања засега е дилема. Според едни анализи, Заев ќе го добие овој гамбит, прифаќајќи го Илинденска Македонија како име за севкупна употреба, а според други ова е одлична партија на Ципрас, кој му се заблагодари на Заев дека прифатил „ерга омнес“, па сега уште останува да се договорат за географската одредница.

За голем дел од македонската јавност, како за видни експерти, така и за обичните луѓе на социјалните мрежи, е понижувачки што лицитираме за нашето име, прифаќајќи секакви предлози, кои можат да го загрозат нашиот идентитет. Така, со свои реакции се јавија и голем број поранешни функционери од СДСМ за кои лицитирањето со Илинденска Македонија за севкупна употреба е понижувачки.

-За да сфатиме на која несериозна основа се водат државните преговори со Бугарија и Грција требаше да дојде до денешната катарза, во која имаме срамни лицитации и одобрување на подбивни имиња за сопствената татковина и најнепријателски изјави на високи бугарски функционери кои се ситат нашата целосна политичка изгубеност и си тераат свои агенди. Им дозволија заеднички да се сликаат, смеат и прегрнуваат истовремено додека тие се подбиваат со нас и секојдневно не навредуваат. Или прекинете го натамошното понижување и исмејување или повлечете се од тој процес, напиша на Фејсбук поранешниот министер за финансии и претседател на Собранието, Никола Поповски.

Од друга страна кај дел од провладините експерти кои меѓу другото заговараат безусловна капитулација и прифаќање на сите грчки ултиматуми, последниот гамбит на Заев, со тоа што договорил со Ципрас прифатливо име за севкупна употреба (Република Илинденска Македонија), ќе ги натера големите сили, да се уверат дека Грција е таа која не сака решение, и дека ќе ја притиснат, некако да влеземе во НАТО. Бидејќи според нив, прифаќањето на Ципрас во Софија, а потоа ретерирањето уште еднаш покажуваат дека Грција е „непримерниот партнер“ во целиот процес.

Сепак, последната изјава на Ципрас може да се протолкува поинаку. Дека тој всушност намерно му дозволил во Софија на Заев „да се слизне“ со предлогот Илинденска Македонија и за внатрешна употреба, за да поентира дека штом се прифатило „ерга омнес“ сега треба уште да се договори Горна или Северна, односно географската одредница. Ципрас потенцираше дека и временска одредница би било прифатливо, алудирајќи на Нова Македонија. Овие предлози се најповолни за Грција бидејќи со нив, се врши промена и на идентитетот на Македонците кои под притисок ќе станат Горно, Северно или Новомакедонци, како што има и Новозеланѓани.

Така, во најновото соопштение на грчката влада, објавено веднаш по завршувањето на лидерската средба во Македониа се вели дека се поздравува тоа што македонската страна прифатила дека не може да има решение без „ерга омнес“, односно за сите употреби.

„Сепак, ние ги охрабруваме нашите соседи да продолжиме да работиме заедно за да се најде заемно прифатливо име со географска или временска одредница, како што е предложено од страна на специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц“, се вели во соопштението на грчката влада.

Кој кого ќе насамари на крајот, се уште не е јасно. За голем број од познавачите на состојбите, со многу потези македонскиот премиер ја урна нашата позиција – прво изјавувајќи дека нема црвени линии, потоа прифаќајќи дека прифатливо е и географска одредница, за на крајот да прифати и промена на име ерга омнес, што значи и преименување и за внатрешна употреба.

К.С.