Ампева од „Гласен текстилец“: Газдите пријавуваат загуби за да не исплатат К-15, а купуваат скапи џипови


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, преку нејзиниот Фејсбук профил, се огласи за манипулациите кои ги прават некои од газдите на приватните компании за да избегнат обврска од исплаќање регрес К-15 на само 20 дена пред истекот на законската обврска на работодавачите за исплата на истиот.

„Ова сега е експлоатација, неевидентирана и неплатена во најголем број од фирмите. Зголемен обем на работа е нешто најглупаво и манипулативно што може да се измисли и стави во закон. Кој одредува колку е зголемен обемот на работа, газдата? Нив се им е малку. И да се направи статистика , ако толку им е зголемен обемот на работа, да си вработат луѓе, а не еден да им работи за четворица“, напиша Ампева на својот фејсбук профил.

„Обично во овој сектор каде работиме ние, работодавачите пријавуваат прекувремена работа поради зголемен обем на работа. Меѓутоа, често пати ниту пријавуваат, ниту ги евидентираат тие прекувремени часови, што значи не ги ни плаќаат. Инаку, не смеат да изнесуваат повеќе од 190 часа годишно. Значи тие имаат зголемен обем на работа, а на крајот на годината пријавуваат загуба за да не исплатат К15“, го објаснува начинот на манипулација Ампева за Фактор..

„Работниците и работничките се сведоци дека газдите живеат на висока нога, купуваат џипови пред крајот на годината, а исплаќаат К15 во износ од 2.000 или 3.000 денари“, нагласува Ампева.

Проблемот, според неа, произлегува што во колективниот договор стои дека фирмите кои имале економско финансиски потешкотии, можат да исплатат помала сума за регрес за годишен одмор. Но, која е помалата сума, не е прецизирано.

„Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна предходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците“, вели Ампева.

Таа нагласува дека работничките здруженија и синдикати овој проблем го гледале со години, но на него не можеле да делуваат.

„Е сега, Упрацата за јавни приходи треба да даде одговор како тоа фирмите пријавуваат загуба, а купуваат џипови“, апелира Ампева.