Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Четири американски компании за храна и пијалаци се приклучија на растечката листа на западни компании кои или ги затворија своите бизниси во Русија или целосно излегуваат од земјата поради руската инвазија на соседна Украина.
Гигантот за брза храна Мекдоналдс, кој го отвори првиот Мекдоналдс на плоштадот Пушкин во Москва во 1990-та година, во вторникот соопшти дека ги затвора сите 850 ресторани низ Русија, но ќе продолжи со исплати на своите 62.000 вработени.
Одлуката ќе го чини Мекдоналдс милиони долари приход, бидејќи директно поседува 84 отсто од Мекдоналдс рестораните во Русија, наспроти вообичаениот деловен модел на нивно лиценцирање на независни оператори со франшиза. Но, претседателот и главен извршен директор Крис Кемпчински во писмо до вработените во Мекдоналдс рече дека „не можеме да го игнорираме непотребното страдање што се случува во Украина“.
Старбакс со седиште во Сиетл направи сличен потег, објавувајќи дека привремено затвора 130 локации низ Русија кои се во сопственост и управувани од франшизата со седиште во Кувајт, Алшаја Груп. Извршниот директор на Старбакс, Кевин Џонсон, во отворено писмо рече дека компанијата ќе ги запре сите испораки на производи на компанијата во Русија, но рече дека Алшаја ќе продолжи да ги плаќа своите 2.000 локални вработени.
Исто така, со затворање или намалување на нивните операции во Русија се и американските ривали за безалкохолни пијалоци Кока-Кола и Пепси. Кока-Кола даде неколку детали за суспензијата на своите операции, додека Пепси – која работи во Русија од раните 1960-ти во екот на Студената војна, рече дека ја запира целата продажба на своите газирани пијалоци, вклучително и нејзиниот водечки бренд, но ќе продолжи да произведува млеко, детска формула и храна за бебиња со цел да останат вработени десетици илјади руски работници.
Мекдоналдс, Кока-Кола и Пепси се под зголемен притисок да ги затворат или намалат своите операции во Русија од почетокот на инвазијата во Украина.
Во меѓувреме, американската компанија Јам Брендс, матичната компанија на КФЦ, синџир ресторани за пржено пилешко и Пица Хат, вчера соопшти дека ќе затвори 70 ресторани КФЦ во сопственост на компанијата во Русија и дека е во преговори со франшизата за затворање на сите Пица Хат ресторани.
И холандскиот производител на пиво Хајнекен во средата објави дека исто така ќе ги прекине своите операции во Русија, вклучително и продажбата, производството и рекламирањето на своето пиво, и „ќе ја засили поддршката и донациите за невладините организации кои работат во Полска, Унгарија, Романија и Словачка“.
Хајнекен веќе ги објави плановите за ставање крај на сите нови инвестиции и извоз во Русија.
Бројни западни компании во широк спектар на сектори ги објавија плановите за суспендирање или намалување на нивните операции во Русија поради инвазијата, вклучувајќи ги британските нафтени гиганти БП и Шел;, јапонските производители на автомобили Тојота, Нисан и Хонда; воздухопловните гиганти Боинг и Ербас; компании за финансиски услуги Американ Експрес, Виза и Мастеркард; и технолошките и забавните гиганти Нетфликс, Епл, Гугл и ТикТок.
Дополнително, американскиот интернет провајдер Лумен Технолоџис во вторникот објави дека ја исклучува својата мрежна услуга во Русија „поради зголемен безбедносен ризик во Русија“.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.