Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Американската компанија Broadstone Security со инвестиција од пет милиони долари во Македонски Брод ќе отвори фабрика каде што ќе се произведуваат муниција и лично вооружување според стандардите на НАТО, наменети за земјите членки на Алијансата. Се очекува фабриката да биде оперативна до мај следната година, а почетното производство да започне во јули 2017 година.
Тука сме со нашите пријатели со кои делиме визија и стремеж за производство на најточна муниција, како и иновативно и квалитетно оружје за нашата војска, полиција и лични корисници. Задоволни сме што влегуваме во македонската одбранбена индустрија и со нетрпение ја очекуваме можноста за соработка со македонските лидери, изјави основачот и извршен директор на Broadstone Security, Денис Прат.
Според министерот за одбрана Зоран Јолевски, инвестицијата има повеќе значења, а покрај отворањето на нови работни места, ова ќе биде и чекор напред во зајакнувањето на борбената готовноста на АРМ. Еден од проектите за модернизација на АРМ е конверзија на личното наоружување на АРМ со она на НАТО членките. САД ќе го финансираат проектот, значи со оваа инвестиција ќе имаме производител територијата на Македонија за муниција која во иднина ќе ја користи АРМ, рече Јолевски.
Според него, инвестицијата исто така ќе придонесе и за македонските евроатлански интеграции. Проектот го поздрави и генералот Џим Џонс, поранешен советник за национална безбедност на американскиот претседател Барак Обама.
Додека бев во НАТО, Алијансата се прошири од 19 на 23 членки. Ние ја поставивме и сцената за прием на нови членки на Алијансата, а се надевам дека ќе бидам таму и кога Македонија ќе стане полноправна членка. Но додека го чекаме тој ден, сметам дека ова што Македонија го прави овде е многу важно. Сето тоа е важно за способностите за Македонија и економскиот просперитет, како и за професионализмот на АРМ. Истовремено ова ќе придонесе и за виталноста и кредибилноста на НАТО како една голема меѓународна организација, рече Џонс.
Фабриката на жителите од Македонски Брод ќе им донесе 200 вработувања, а американската компанија одлуката за инвестирање во земјава ја донела откако разгледала и можности во Србија и Романија.