Алтернатива ја прифати понудата од Заев за средба со Гаши


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Поканата која премиерот Зоран Заев ја упати до Алтернатива за средба со лидерот Африм Гаши партијата ја прифати, но каква ќе биде нивната одлука околу можноста партијата да стане дел од парламентарното мнозинство, односно дел од Владата ќе се знае наредната недела кога се очекува да се изјаснат највисоките партиски тела.

Зекирија Ибрахими во изјава за Плусинфо вели дека на 23 ноември, во вторник, треба да се одржи состанок на Централното претседателство на партијата, а потоа одлуката што ќе биде донесена во тој партиски состав ќе треба да помине и на партиското Собрание, кое е највисоко тело на Алтернатива.

Ибрахими објаснува дека сега засега тие остануваат во опозиција, а за секој нов предизвик, како што вели, ќе се произнесат. Сепак, прво ќе почекаат да се случи средбата на нивниот лидер Африм Гаши и Заев, за да слушнат кои се размислуањата на премиерот во однос на партиципирањето на Алтернатива во новото мнозинство, а и неговата понуда, а потоа ќе заседаваат партиските тела.

На нашето прашање како ги коментира неофицијалните информации во јавноста дека во Алтернатива постојат два табори од кои едниот би можел да повлече пристапување на партијата во власта, а другиот во опозиција, Ибрахими вели дека би останал воздржан по ова прашање.

– Ќе се воздржам да коментирам пред одлуката на Централното претседателство и на Собранието. Мојот став јас многу пати сум го изразувал на социјалните мрежи и може да се насети како размислувам во тој правец – вели Ибрахими.

Тој по информациите дека Заев го поканил лидерот Гаши на средба на Фејсбук иронизираше со случувањата поврзани со пратеникот Кастриот Реџепи кој исчезна на денот на гласањето недоверба на Владата на Заев, па потоа рече дека самоволно се засолнил од безбедносни причини. Ибрахими јавно го отвори и прашањето за функционалноста на Собранието со 60 пратеници.

Орхан Муртезани, член на Централното претседателство на Алтернатива и еден од нејзините основачи, вели дека партијата сепак на крајот ќе донесе едногласна одлука, настрана што секој член на партиските тела има право на свое мислење што исклучува можност да се репризира било каков филм со киднапирани или самоволно изолирани пратеници.

Додека се чека одлуката на Алтернатива, социјалдемократите немаат дилеми дека ќе има парламентарно мнозинство кое ќе биде стабилно.

„Зголемено и стабилно парламентарно мнозинство предводено од СДСМ ќе стави крај на овие блокади и ќе ги донесе законите заглавени во собраниските процедури. Време е за одговорност и работа во интерес на граѓаните кои не избрале и кои не плаќаат преку Буџетот. Носењето на овие закони, но и други измени и дополнувања на законите ќе обезбедат подобрување н квалитетот на живот на граѓаните и забрзан реформски процес во државата“, соопшти СДСМ.

Стабилно парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, велат од партијата, ќе го донесе и предлог Законот за отпис на камати на долгови, со што на над 150.000 граѓани ќе им се помогне да го решат проблемот со задоцнетото плаќање на долговите кон јавните и државни претпријатија.