Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ценејќи го значењето на шахот во развојот на најмладите, „Алкалоид“ АД Скопје опреми ново, модерно катче наменето за шаховска едукација и за турнири за младите почнувајќи од 7-годишна возраст. Станува збор за две училници во центарот на Скопје, каде што најсилните македонски велемајстори ќе работат со најмладите во групи до 20 ученици.
Со повлекувањето на првиот потег во симултанка со ФИДЕ-мајсторот Моника Стојковска (македонски шампион за 2022 година), генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, симболично го означи почетокот на систематската работа со најмладите шаховски таленти во клубот. Наставата во рамките на ШК „Алкалоид“ ќе ја водат лиценцирани тренери на Светската шаховска организација, кои се истовремено и најсилни македонски шаховски велемајстори, носители на националната репрезентација, како и освојувачи на многу турнири и шампионски титули во екипна и во поединечна конкуренција. Покрај членовите на ШК „Алкалоид“, овој нов шаховскиот дом, лоциран на ул. „Железничка“ (ул. „Јордан Мијалков“) бр. 40А во Скопје, ќе биде отворен за сите шахисти и љубители на шахот, кои ќе имаат можност за едукација, дружење и за турнири.
Според проценката на стручните експерти и на педагозите, шахот придонесува за развој на когнитивните способности кај најмладите, ја подигнува концентрацијата при учењето, ги подобрува аналитичкото размислување, решавањето проблеми и носењето одлуки, а во голема мера овозможува и дружење и креирање тимски дух.
Шаховскиот клуб „Алкалоид“ е основан на 26 март 1976 година и важи за еден од најдобрите европски клубови. Има огромна колекција на титули, од кои најпрестижна е освоеното злато на Европскиот клупски куп во Нови Сад во 2016 година.