Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
1220.- Роден е Александар Невски, новогородски кнез, руски војсководец, познат руски народен јунак. Ја победи шведската војска на реката Нева во 1240 година, а во 1242 година ги победи германските рицари „мечоносци“ на замрзнатото Чудеско Езеро и така го запре германското напредување кон исток. Умре на 14 ноември 1263 година.
1498.- Шпанскиот морепловец со италијанско потекло Кристофер Колумбо со шест бродови исплови од шпанското пристаниште Санлукар на третото патување во Новиот свет, за време на кое ги откри Тринидад и брегот на Јужна Америка.
1536.- Англискиот крал Хенри VIII се венча со третата жена Џејн Сејмор, по само 11 дена откако ја испрати втората сопруга Ана Болен на погубување.
1539.- Англискиот писател Кристофер Марло кој битно влијаеше на Вилијам Шекспир е убиен на мистериозен начин во една лондонска таверна. Дела: „Тамерлан Велики“, „Д-р Фаустус“, „Евреинот од Малта“, „Едвард Втори“.
1574.- Умре францускиот крал Шарл IX. Со неговото доаѓање на престолот во 1560 година почнаа војните помеѓу римокатолиците и хугенотите. Откако неговата мајка Катарина Медичи, која дејствуваше во договор со папата Гргур XIII, успеа да го наговори, во 1572 година го одобри погубувањето на хугенотите во Вартоломејската ноќ.
1640.- Во Антверпен умре Петар Паул Рубенс, фламански сликар, еден од најголемите мајстори на барокниот стил. Соединувајќи ги најдобрите традиции на италијанското сликарството и сликарството во северниот дел на Европа, тој создаде слики полни со драматика, еротика, раскош на костимите и сјај на боите. Роден е во Зегин, на 28 јуни 1577 година.
1672.- Во Москва е роден Петар Велики, цар на Русија. Беше коренит реформатор на рускиот социјален, економски и општествен живот. Се истакна како војсководец на копно и море. Беше мошне вешт политичар и дипломат. Основа многу училишта. Престолнината ја пресели во новоизградениот Петербург, односно Петроград. Умре во Санкт Петербург, на 8 февруари 1725 година.
1744.- Умре англискиот писател Александер Поуп, претставник на класицизмот во англиската поезија, кој на англиски јазик ги преведе грчките епови „Илијада“ и „Одисеја“. Дела: поемите „Есеј за човекот“, „За критиката“, „За глупостите“.
1770.- Умре Франсоа Буше, француски сликар, еден од главните претставници на сликарскиот правец рококо. Роден е на 29 септември 1703 година.
1778.- Во Париз умре Франсоа Волтер, француски писател, историчар и филозоф. Негово најпознато дело е филозофско-дидактичкиот роман „Кандид“. Напиша и неколку епопеи, историски дела, трагедии и комедии. Роден е во Париз, на 21 ноември 1694 година.
1814.- Роден е рускиот револуционер Михаил Александрович Бакуњин. Дела: „Државност и анархија“, „Кнутогерманска империја и социјална револуција“.
1848.- САД и Мексико го ратификуваа договорот, потпишан во февруари 1848 година, по поразот на Мексиканците во Американско-мексиканската војна, според кој, за надокнада од 15 милиони долари, во составот на САД влегоа дотогаш мексиканските територии Ново Мексико, Калифорнија, делови од Невада, Јута, Аризона и Колорадо.
1876.- Турскиот султан Абдул Азис е сменет, а на негово место дојде неговиот внук султан Мурат V.
1909.- Роден е американскиот кларинетист и композитор Бенџамин Дејвид Гудмен, познат како Бени Гудмен, еден од првите бели музичари кој и се спротивстави на расната сегрегација. Во 1934 година формираше џез-оркестар во кој повика и црни музичари. Сними десеттина филмови, а се бавеше и со класична музика, сними концерт за кларинет Волфанг Амадеус Моцарт и свиреше со симфониски оркестри.
1912.- Умре американскиот пилот и конструктор на авиони Вилбур Рајт, пионер на авијацијата, кој во 1903 година заедно со неговиот брат Орвил, во авион направен од нив двајцата, го изведе првиот лет во историјата на воздухопловството. Летот траеше 59 секунди, а авионот прелета 285 метри. Браќата Рајт во 1905 година конструираа авион кој прелета 39 километри. Во 1909 година ја основаа „Америкен Рајт компани“ за производство на авиони и истата година на војската на САД и го испорачаа првиот борбен авион „Сингл Корпс I“.
1913.- Во Лондон е потпишан мировниот договор со кој заврши Првата балканска војна.
1918.- Умре Георгиј Валентинович Плеханов, руски филозоф, политичар, историчар, критичар, естетичар и социолог. Најпознати негови дела се „За улогата на личноста во историјата“, „Нашите размислувања“ и „Уметноста и општествениот живот“. Роден е на 11 декември 1856 година.
1942.- Британското воено воздухопловство со 1.047 авиони го бомбардираше германскиот град Келн. Тоа беше првиот бомбардерски напад на РАФ изведен со повеќе од илјада летала во Втората светска војна.
1944.- Британскта влада во Втората светска војна и официјално се откажа од давање помош на четниците на Дража Михајловиќ оценувајќи дека во Југославија против нацистите ефикасно се борат само партизаните.
1956.- Југословенска државно-партиска делегација на чело со Јосип Броз Тито допатува во Советскиот Сојуз. Во текот на разговорите со советското раководство беа потврдени начелата на Белградската декларација од 1955 година со која беше премостен расколот меѓу двете земји започнат во 1948 година. Во Московската декларација за односите меѓу СКЈ и КПСС беше истакнато дека ќе продолжи соработката меѓу двете владејачки партии во согласност со начелото социјалистичкиот развој да се одвива по различни патишта, а беше утврдено и дека соработката мора да се заснова доброволно и рамноправно.
1960.- Во Переделкино умре Борис Леонидович Пастернак, руски писател. Познати негови дела се „Збирка стихови без бариери“, „Теми и варијации“, романот „Доктор Живаго“ и други. Во 1958 година ја доби Нобеловата награда за литература за извонредните дострели во современата лирска поезија и на полето на великата руска епска традиција. Роден е во Москва, на 10 февруари 1890 година.
1973.- Западна Германија и Чехословачка постигнаа Договор за нормализација на односите, ставајќи крај на 32-годишните несогласувања меѓу двете земји.
1981.- Во Бангладеш во обидот за државен удар, убиен е претседателот Аиаур Рахман.
1989.- Во Њујорк умре Зинка Кунц – Миланов, оперска пејачка, еден од најубавите сопрани во современиот свет. Родена е во Загреб, во 1906 година.
1995.- Русија ги формализира односите со НАТО, но го повтори предупредувањето дека ширењето на западниот воен сојуз на исток би можело да ја подели Европа.
1998.- Во земјотресот, што ја зафати северната авганистанска провинција Тахар, загинаа најмалку три илјади лица.
2002.- Со натпреварот меѓу светскиот шампион Франција против репрезентацијата на Сенегал, кој ширум планетата го следеа најмалку 500 милиони телевизиски гледачи, во Сеул е отворено првото Светско фудбалско првенство одржано на тлото на Азија, кое заеднички го организираа Јужна Кореја и Јапонија. Сенегал приреди изненадување со победа од 1:0.
2007.- Умре францускиот актер и режисер Жан Клод Бријали, кој се смета за еден од столбовите на франуската кинематографија во рангот на Филип Ноаре. Играше во повеќе од 200 филмови, а беше и сопственик и директор на парискиот театар „Ле Буф“. И самиот режираше неколку филмови, од кои последниот е „Господин Макс“, снимен во 2006 година. Исто така, тој објави и неколку книги.
2011.- Во Скопје на 73-годишна возраст почина актерот и сценограф Чедомир Христов. Роден е на 1 мај 1938 година во Струмица. Завршил на отсекот за сликарство на Вишата педагошка школа, работел како актер во Струмичкиот театар „Антон Панов“ (1958 до 1964), а потоа преминал во Македонскиот народен театар во Скопје каде што останал до пензионирањето во 1996 година. Двапати добил награда за најдобар актер на Здружението на драмските уметници на Македонија. Бидејќи е по вокација сликар, изработил и многу сценографии за претстави, за што добил и награди за сценографија на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Избор МИА