Александар Македонски во колективната меморија на Македонците


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со Преспанскиот договор, македонската влада потпиша дека Александар Македонски и древната македонска држава, биле дел од хеленската античка историја, што е во спротивност со досегашната македонска историографија, за што реагираше и најголемиот македонски експерт Наде Проева, но нешто што се покажува дека е и во спротивност со сфаќањата кај голем број македонски интелектуалци од 20 век.

Имено, градејќи ја македонската нација повеќе видни македонски дејци си ги барале своите корења кај Александар и татко им Филип. Впрочем, целосната бугаризација на Македонија не успеала веројатно благодарение на оставштината на Александар кој останал во колективната меморија во Македонија.

Во продолжение ќе пренесеме дел од трудот на Ранко Младеноски „Александар III Македонски во македонскиот книжевен 20 век“, каде што се потврдува дека и во раниот 20 век, тогашните македонски дејци барале поврзаност со Александар и древната македонска држава:

Писмени траги што сведочат за присуството на Александар III Македонски во идеологијата на Македонците што се борат за своја држава, јазик и култура среќаваме уште во првите години од минатиот 20 век. Имено, во прогласот до македонскиот народ, односно до востаниците на Горноџумајското востание од 1902 година, полковникот и војводата А. Јанков потенцира:

„Македонци! Сетете се за светскиот победител, за светската слава на Македонија – великиот Александар Македонски; сетете се за храбриот цар Самоил, македонскиот великан, за прекрасниот Марко Крале, општословенска слава – дека во нив текла македонска крв; тие од небесните височини бдеат и го благословуваат нашето започнато дело. Да се покажеме достојни нивни потомци“ (Ристовски, 1995: 137).


Претседателот на Крушевската република, Никола Карев, во едно интервју дадено за грчкиот весник „Акрополис“ на 8 мај 1903 година потврдно одговара на прашањето дали се чувствува како директен наследник на Александар Македонски. Ова интервју беше преобјавено во 2000 година во неделникот „Македонско сонце“ на македонски јазик (Вамбаковска, 2000: 14-15).

Во весникот „Автономна Македонија“ во август 1903 година објавен е уводник во кој непотпишаниот автор се повикува на македонскиот крал Александар Македонски: „Когато нам се налага да предприемем защитата на угнетените Македонци, ние требва на радо сърце да направим това. Нам тука ни е твърде охотно да отбележим, че Александр Великий, тоя цар на вселената, е засвидетелствувал добродетелите на славянското племе, като е казал, че славяните носят геройски сърца и поради това заслужават да носат великото име славяни, което ще рече славни. Преди да издъхне тоя велик, наш завещател заявил, че проклина всекиго, който за напред би злословил славяните. За всичките войнствени качества техни, той им завещал всичките земи от Адриятическо море до океяна на вечните ледове. Освен това, той заклел небесните си покровители да пазят од нащастия и постоянно да се притичат на помащи на дванадесеттех князе, потомци на дванадесеттех негови другари. Сега, ако Македонците не са в положение сами да спрат техното изтребление и да подобрят своята участ, то Българите, Сърбите, Черногорците и другите славяни са длъжни да се притекат на помощ на тия братя по кръв и вера, на тия които са родени от ’майка дойна‘ (Македония) и от където са излезли найзнаменитите начала и светила“ (Ристовски, 1995: 137).

Во истиот весник („Автономна Македонија“) во септември 1903 година е објавена песна на авторот Петар Загоров со наслов „Таму!“ во која тој вели дека во Македонија „достојните потомци на Александар Велики/ херојски се борат со вековните тирани“ (Ристовски, 1995: 137). И членовите на Македонското научно-литературно другарство во Петроград го негуваат споменот за античка Македонија и за Александар Македонски. На македонското знаме во 1913 или 1914 година како амблем се јавува Букефал, коњот на Александар Македонски, врз црвена основа. Претседателот на ова Другарство, Димитрија Чуповски, на синџирчето од својот часовник до крајот на животот ќе ја носи сребрената пара со ликот на Александар. Братот на Димитрија Чуповски, Наце Димов, во својата книга за Македонија од 1913 година се повикува на пишувањето на англискиот историчар Јаков Абот во врска со древните Македонци и нивниот македонски јазик што бил неразбирлив за Грците (Ристовски, 1995: 138).

Во писмото на Трифун Греков од Женева испратено во октомври 1922 година до раководителот на Македонската федеративна партија во Софија, Н. Јуруков, исто така, се споменуваат античка Македонија и Александар Македонски во контекст на македонската кауза: „Бев испратил статија до ’Автономна Македонија‘ за Александар Велики за да биде публикувана како подлисник; настојчиво молам за нејзиното публикување. Од капитално значење е да ја сврземе нашата кауза со старата историја на Македонија“ (Ристовски, 1995: 138-139).

И Крсте Мисирков не ја одминува античка Македонија. Во своите „Спомени и впечатления“ Мисирков зборува за престолнината на старата македонска држава на Аминта II, Филип и Александар Велики. Во својата статија „Крали Марко“ објавена во весникот „Илинден“ во март 1923 година Мисирков инсистира на континуитетот во историјата на Македонија. Мисирков е дециден: „Крали Марко е син и гордост на Македонија и еден од тројцата велики завојувачи што го разнесоа името на својата земја далеку од нејзините предели: 1) Александар Македонски ја разнесе славата на Македонија до средноазиските реки Аму-Дарија, Сир-Дарија, како и до Индија и Индискиот Океан; 2) Светите Кирил и Методија го разнесоа македонското слово и писмо меѓу сите словенски народи, и 3) Крали Марко ги потчини под својата власт и под онаа на македонската муза сите народни певци и народи на Балканскиот Полуостров, во тој број и самите вас, потомци на неговите заклети непријатели“ (Ристовски, 1995: 137-138).

Еден македонски емигрант во Софија, кој се претставува со псевдонимот „Комитски“, во писмото упатено до Македонскиот национален комитет во декември 1932 година, меѓу другото, ќе запише: „Некогаш имало славна земја со храбар народ што дал светски владетели како Филип и Александар Македонски. Многу древни народи, иако слегуваа од светската сцена, по извесно време, пак се издигнуваа. Зошто да не се случи истото и со Македонците?… Зашто ако еден народ, што си има свои обичаи, вера, јазик, традиција и друго опстанал по толку ропства, тоа значи дека тој народ е способен за слободно постоење!… Бугарија нека им го даде на мирен начин на Македонците она што е македонско. Зошто Бугарија уште го држи туѓото и го прикажува како свое? Зарем Македонците се Бугари? Колку што се Македонците Бугари – толку се и Бугарите Македонци! Разликата е голема! Едните биле на Балканскиот Полуостров уште од пред Христа, а другите дошле во 7 век…“ (Донски, 2002/2003: 232).


Димче Аџимитрески, раководителот на организацијата МОРО, дава сведоштво за чувањето и пренесувањето на споменот за Александар Македонски од генерација на генерација во македонското семејство: „Ние имавме една стара книга за Александар Македонски. Заклучена беше во едно чекмеџе и дедо ми често ја земаше и ни читаше за подвизите на Александар Македонски. Така ние се воспитувавме. Го сметавме за наш крал и сонувавме за такво кралство што некогаш тој го создал“ (Ристовски, 1995: 140).

Еден од членовите на раководството на веќе споменатата организација МОРО во Скопје, Благоја Димитров, во сеќавањата за таа организација во периодот од 1932 до 1934 година подвлекува: „Основната задача беше да се зборува македонски, да се купуваат книги; се формираа ќелии од по тројца членови и секоја таква ќелија си формираше своја библиотека (се сеќавам, имавме и книги за Александар Македонски и сето тоа го сметавме за наше)“ (Ристовски, 1995: 140).

Македонскиот културно-национален деец и публицист Васил Ивановски (Бистришки) во својата статија од 1934 година со еден мошне концизен наслов „Зошто ние Македонците сме одделна нација?“ потенцира дека „грчките шовинисти ја фалсификуваат историјата прогласувајќи го племето на старите Македоно-Илири, заедно со водачите на тоа племе – Македон, Филип Македонски и Александар Велики – како составен дел од старите Грци“ (Ристовски, 1995: 139).

За Александар Македонски и за античка Македонија пишува и Ангел Динев во брошурата со наслов „Македонските Словени“ од 1938 година, каде што зборува и за супериорноста на античките Македонци во однос на Хелените: „Се знае дека македонското уметничко творештво, уште во времето на Филип Македонски, го надминувало елинското. Победата на Александар Велики над Елините не била само резултат на борбената техничка моќ, туку на моќта и на една цивилизација што ја предизвикала во свеста на Александар чудната идеја за организирање на една светска школа за единствено светско учење и за мирно обединување на човештвото во една целина. Тоа се несомнено идеи и на неговиот учител Аристотел, којшто не е Елин, како што тврдат некои, туку Македонец од Халкидичкиот Полуостров што живеел во Атина како минувач и тоа само кога била на власт македонофилската група. По смртта на Александар Велики и по распаѓањето на македонската држава, Елините го присвоија целото уметничко творештво, а она што не подлежи на фалсификација Византијците подоцна го разрушиле“ (Ристовски, 1995: 139-140).

Дури и Кочо Рацин во неговите препирки со професорот Никола Вулиќ укажува на континуитетот на името Македонија, пред сè, од еден историско-географски аспект: „Имало кај Македонците свест дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име… Не ќе биде точно дека Македонија ’исчезнала‘ засекогаш до денеска, туку Македонците го извлекоа своето име од историската ризница… Тие рекле: Оваа земја се викала Македонија. Не е турска! Не е ни бугарска, ниту пак српска. Не е ни богумилска, туку оваа земја е македонска, а ние сме Македонци. Сеедно дали оваа земја била до Велес или под Велес, а сега велат дека е до Шар Планина, но тоа била Македонија и тој народ си го зел тоа име“ (Ристовски, 1983: 340-341).

И во анонимниот „Одговор по повод статијата на професорот Никола Вулиќ“ од 1940 година, меѓу другото, се потенцира еден идентичен став: „Географическото положеније на Македонија не је вчерашно, то јет ушче от времето прет Христа, от времето на Филипа и Александар Македонски“ (Ристовски, 1995: 140).

Меѓутоа, во периодот пред Втората светска војна, под влијание на идеологијата на Комунистичката партија, веќе почнуваат да се појавуваат тенденции за негирање и отфрлање на тезата дека Македонците од 20 век се потомци на античките Македонци, како и на тезата дека тие имаат каква било врска со античките Македонци, оставајќи го само името на територијата (Македонија) како единствен заеднички елемент на античките и денешните Македонци. Така, Борка Талески ќе одржи говор пред една организирана група од младинци во Прилеп при што „нагласува дека не сме по потекло од Александра Македонски, туку сме Словени и името сме го добиле по територијата на којашто сме се населиле“ (Ристовски, 1980: 410).
Слично предавање одржал и Диме Бојановски – Дизе пред друга таква група во Прилеп во 1939 година (Ристовски, 1995: 140).

И во двете групи се зборувало за извесно разочарување што произлегло од таквите искажувања. Слично разочарување доживеал и охриѓанецот Гоце Митески според кого интелектуалната младина од Дебарца пред Втората светска војна била воодушевена од својот предок Александар Македонски. Гоце Митески е и автор на две песни во кои се споменува Александар Македонски, а песните датираат од 1942 година. Неговото разочарување било големо кога некој повозрасен ученик од Охрид му рекол дека „ние сме Словени, а не директни потомци на античките Македонци“. Митевски вели: „Цела недела тоа го болував“ (Ристовски, 1995: 140-141).


Оттука и оттогаш, всушност, во Македонија започнува да се практикува еден игнорантен однос кон Александар Македонски и воопшто кон античко-македонската историја под влијание на комунистичката идеологија, под влијание на идејата за југословенското заедништво, како и под влијание на македонската официјална историска наука во чии рамки беше и сè уште е доминантна историската теза за доселувањето на „македонските Словени“ на Балканскиот Полуостров во 6, 7 и 8 век, како и тоа дека денешните Македонци се чисти Словени и дека немаат никаква врска со античка Македонија и со античките Македонци. Се разбира, во таа теза се наѕира и една расистичка нијанса за „чистата словенска раса“!

Дека Александар Македонски и античка Македонија биле табу-тема во Македонија по Втората светска војна, во времето на социјалистичката идеологија, најдобро сведоштво ни дава Петре. М. Андреевски чие кажување е мошне концизно и илустративно за нашата тема: „Зошто, на пример, се дистанцираме од античките Македонци? Ова прашање ни го постави и еден кардинал на заедничкиот ручек во Ватикан во 1973 година. Прашањето му беше и еден вид одговор. Вие сте единствен народ (парафразирам) кој го носи македонското име, се гордеете со него, го опевате во народните песни, а во историските читанки сè ви почнува со Словените. Македонците никаде ги нема. Кај исчезнале тие, ако не во вас? Бевме засрамени. Како да му кажеш дека во тоа време имаше и една премолчена забрана да се поклонуваме и пред гробот на Гоце Делчев?“ (Христова–Јоциќ, 2008: 4).

Ваквиот игнорантен однос кон античко-македонската историја е присутен во Македонија во сите области, а тоа значи и во историската наука, во воспитно-образовниот процес, но и на полето на литературата. Во врска со ова Александар Донски потенцира: „Факт е дека за време на социјалистичкото југословенско едноумие историјата на античка Македонија кај нас беше тенденциозно запоставувана“ (Донски, 2002/2003: 5).

Да наведеме неколку примери. Во книгата „Одбрани четива за историјата на македонскиот народ“ во издание на Државното книгоиздателство на НРМ од 1951 година не може да се најде ниту еден документ поврзан со историјата на античка Македонија. Во „Историја на македонскиот народ“ од 1969 година (три тома) сложениот период од историјата на античка Македонија е претставен само на 15 страници (стр. 33-47). Исто така, во трудот „Историја на македонскиот народ“ од 1988 година од вкупно 375 страници за античко-македонската историја има само 10 страници (Донски, 2002/2003: 5-12).

За жал, со вакви појави се соочуваме дури и денес, во 21 век. Така, во вториот том од книгата „Историја на македонската книжевност“ од Георги Сталев (издадена од Институтот за македонска литература во 2003 година) нема ниту збор за Александар Македонски во македонската книжевност и воопшто во македонската култура во првата половина на 20 век (Сталев, 2003). Извесни активности поврзани со историската личност Александар Македонски и со историјата на античка Македонија во овој период (од крајот на Втората светска војна па сè до осамостојувањето на Македонија во 1991 година) се забележливи кај Македонците иселеници. На пример, во 1974 година, членовите на една од најголемите македонски иселенички организации позната како ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија) ќе издадат поштенска картичка со ликовите на Александар Македонски и Гоце Делчев (Донски, 2002/2003: 234).

Но, ова се само инцидентни пројави и тоа надвор од границите на Македонија. Идентична е состојбата и во македонската литература. Во периодот од 1903 до 1942 година не забележавме ниту едно македонско книжевно дело за Александар Македонски, но, како што покажавме, во овој период Александар Македонски е присутен во бројни записи и искажувања на наши културни дејци. Меѓутоа, во периодот од 1942 (двете песни на Гоце Митески кои останале во ракопис, а беа објавени од страна на Блаже Ристовски во 1980 година) до 1978 година (песната „Пејзаж“ од Радован Павловски во која се споменува Александар Македонски, објавена во збирката „Молњи“) не успеавме да пронајдеме ниту едно објавено оригинално книжевно дело од македонски автор во кое барем се споменува Александар Македонски ниту, пак, може да се рече дека Александар е споменуван често во какви било записи или во регистрирани искажувања во споменатиот временски интервал.

Единствено што е објавено во овој период како книжевно дело за Александар Македонски на македонски јазик е преводот на романот „Александар Македонски“ (во два дела, односно два тома) од Словомир Настасиевиќ во 1965 година од српски (тогашниот т.н. српскохрватски) на македонски јазик. Но, овој роман влегува во рамките на преводната, а не на оригиналната литература на македонски јазик (Словомир Настасиевиќ, Александар Македонски, I и II дел, превод Трајан Бавтироски, Новинско издавачко претпријатие „Нова Македонија“, Редакција „Детска радост“, Скопје, 1965).

Тука треба да се спомне и текстот на Томе Саздов во „Нова Македонија“ од 1958 година за една откриена народна песна за Александар Македонски (Саздов, 1958). Во 80-тите години на 20 век се појавија само неколку (осум) македонски книжевни дела за Александар Македонски.

Во 1984 година беше објавен расказ со наслов „Александар и вазната“ од Зоран Ковачевски во збирката раскази „Аристотел од Ресен“, а истата година се појави и песна со наслов „Александар Македонски“ од Илија Бошков – Крајнички, објавена во стихозбирката „Моето прво раѓање“. Во 1986 година Радован Павловски ја објави песната „Клуч на походот (На Александар Македонски)“ во збирката „Клучеви“, а во третиот том од „Избрани дела“ со наслов „Отклучување на патиштата“ од истиот автор беше објавена песната „Александар Македонски“. Во 1987 година Блаже Конески ја објави песната „Послание“ во истоимената збирка, а во 1988 година Анте Поповски се појави со песните „Алелуја“, „Копнеж“ и „Повелба на Александар Македонски“ во поетската збирка „Ненасловена“.

И тоа е сета македонска книжевна продукција за Александар Македонски што успеавме да ја регистрираме во периодот од 1942 до 1988 година. Ваквата состојба во голема мера ќе се промени по 1991 година, односно по осамостојувањето на Република Македонија. Имено, во 1992 година е објавен романот „Александар и смртта“ од Слободан Мицковиќ, а истата година е објавен и романот „Домот на Александар“ од Митко Маџунков. Исто така, во 1992 година е објавена поетската збирка „Живи ѕвезди“ од Петре Бакевски со еден циклус посветен на Александар Македонски. Потоа следуваа „Фрески и гротески“ од Венко Андоновски (1993) каде што се објавени два раскази во кои како лик се појавува Александар Македонски, поемата „Александар Македонски“ од Пандо Колевски (1994), ТВ драмата „Александар на Исток“ од Петар Бошковски (1994), поемата „Во сенката на мечот (Александар Велики)“ од Петре Бакевски (1994), збирката раскази „Ледно око“ од Блаже Миневски (1994) во која се објавени три раскази за Александар Македонски, а во следните години се појавија бројни книжевни дела од македонски автори на македонски јазик што се однесуваат на Александар Македонски.

Би ги споменале тука авторите Атанас Вангелов, Матеја Матевски, Богоја Таневски, Никола Кљусев, Владимир Шопов, Иван Василевски, Кире Неделковски и други. Покрај ова, во 90-тите години на минатиот век беа објавени и бројни историски трудови како и т.н. „романизирани биографии“ за Александар Македонски, како од македонски така и од странски автори преведени на македонски јазик коишто, секако, извршија влијание врз сè поголемото актуелизирање и популаризирање на Александар Македонски во нашата средина (Мојсиева–Гушева, 2004: 139-153)