Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Собранието на Албанија на вчерашната седница изгласа разрешување од должност на претседателот на земјата Илир Мета по барањето поднесено од владејачката партија Социјалистичката партија на Албанија.
За разрешување гласале 104 пратеници, седум биле против, а тројца воздржани, од вкупно 114 важечки гласачки ливчиња.
На почетокот на седницата бил презентиран и потоа одобрен извештајот на парламентарната истражна комисија, која ги испитувала доказите според кои претседателот на Албанија Илир Мета извршил „сериозни прекршување на уставот“.
„Едностраните или неурамнотежени ставови на претседателот, особено оние што поттикнуваат насилство, губење на неутралната улога на шеф на државата, која не е вклучена во дневно-политичка игра, но треба да биде над страните и да обезбеди демократско функционирање на институциите, сите се дејствија што на претседателот му ги изгубија атрибутите шеф на државата и претставник на единството на народот“, се вели во извештајот на истражната комисија.
Премиерот на Албанија, Еди Рама во својот говор на седницата на парламентот рече дека Мета „ја издал мисијата на претседателот на Република Албанија“.
Според Рама, Мета го понижи уставот на Република Албанија и ја собори институцијата што треба да биде гарант за национално единство.
„Албанија веќе не може да го носи Илир Мета на грб, станувајќи причина за светска смеа во очите на своите пријатели и сопствените граѓани. Затоа, овој парламент денес мора без двоумење да ја спроведе волјата на повеќе од 90 проценти од албанскиот народ за разрешување Иљир Мета од функцијата“, рече Рама.
Во меѓувреме, Собранието ќе ја испрати одлуката за разрешување до уставниот суд, кој кога ќе ја докаже вината на претседателот на државата прогласува негово отстранување. Според уставот, претседателот може да биде разрешен за сериозно кршење на уставот и за тешко кривично дело.
Според уставот, во случај претседателот да биде разрешен и позицијата да остане празна, неговото место го зазема претседателот на Собранието на Албанија.
Од друга страна, советникот за медиуми и портпарол на претседателот Мета, Теди Блуши, реагираше на денешната одлука, објавувајќи на социјалните мрежи: „Нулта загриженост за неуставната и смешна одлука на монистичката парламентарна депонија“.
На крајот на април, Социјалистичката партија на Албанија иницираше барање до Собранието за смена на претседателот на земјата Иљир Мета тврдејќи дека пред и за време на предизборната кампања за парламентарните избори на 25 април, „извршил дејствија спротивни на уставот“.