Актерската легенда Мето Јовановски: Сè си има цена, разликата е дали плаќаме со пари или со срцето


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонската актерска легенда Мето Јовановски својата кариера ја градеше ширум бившите Ју простори, а при споменување на неговото име, на многумина им паѓаат на памет врвните филмски и актерски остварувања и ненадминатите улоги кои ги има толкувано. Иако е веќе во осмата деценија од животот, Јовановски е полн со елан и енергија, а за босанскиот портал Кликс.ба говореше за своите почетоци, актерскиот повик и балканската општествена стварност.

„Делчево е мало гратче во кое го заврши основното образование и гимназијата. Еден професор ми предложи да ја работиме Злобна жена од Стерија Поповиќ и таа радост и задоволство никогаш нема да ги заборавам. Тоа се моите, ако можам да кажам, први сценски чекори во тој таканаречен прекрасен магичен сценски круг кој живот значи и кој го сакам и денес“, ја почнува својата приказна Мето, носталгично потсетувајќи се на актерските почетоци.

Неговата актерска кариера започнува на сцената во Народниот театар во Штип уште пред да ги заврши студиите. Денес е најпознат по многу филмски улоги кои ги одиграл, а првата од нив ја имаше во 1971 година во филмот „Македонскиот дел од пеколот“.

„Ги сакам сите улоги кои ми овозможиле да на најдобар начин го изразам својот креативен потенцијал. А тоа се оние во Тетовирање и Среќна Нова ’49 во режија на Столе Попов. Тоа се филмови кои на документарен начин ги презентираат некои девијантни појави на кои нерадо се сеќавам“, вели Мето.

Минатата недела сараевската публика имаше шанса да го гледа во претставата Урнебесна трагедија, со која Црногорскиот Народен театар се претстави на регионалниот фестивал на комедијата Osmijeh Sarajeva. Станува збор за остварување кое ја критикува нашата општествена стварност од деведесеттите години, прикажувајќи ја како лудница во која младите ги плаќаат гревовите на нивните претци.

„За жал, тоа е уште актуелна тема. Девијантните појави, духовната беда и последиците кои не можеме така лесно да ги заборавиме. Но, затоа Душан Ковачиќ тоа лудило го преточи во еден креативен театарски чин. Таа апсурдна, урнебесна комедија ја нарече урнебесна трагедија каде неки општествени шаблони и балканскиот менталитет не спречуваат и не враќаат назад во некое друго време“, вели Јовановски.

Говорејќи за денешната општествена ситуација, Јовановски истакнува дека многу се наслушавме и нагледавме од тоа.

„Луѓето се уморни од сè и имаме потреба за некои други универзални вредности кои, како патоказ, ќе не водат кон подобар и похуман живот“, истакнува.

„Национализмот никаде и никому не му донесе ништо добро. Некои профитираа од тоа, им нанесоа зло на другите, а на самиот крај и самите мораа да ја платат цената. Сè се враќа и плаќа, кога тогаш. Сè си има своја цена, прашањето е дали истата ќе ја платиме со пари или со срцето и душата“, вели Мето.

Добитник е на голем број награди за улогите во филмовите и театарските претстави, како и на голем број државни награди и признанија.

„Секое признание, секој апалуз или честитка од обичните луѓе ги почитувам и многу ми значат, бидејќи сè што правам, правам за гледачите и за нашата публика. Наградите или признанијата се верификација за тој креативен театарски чин. Но, признанието мора да делува стимулативно, бидејќи како што вели една кинеска мудрост – Ако не знаеш да се носиш со наградата, тогаш не си ја ни заслужил“, објаснува Јовановски.

Јовановски вели дека да се биде актер е голема чест и привилегија, но и голем предизвик кој бара многу откажувања.

„Да се влезе во светот на креативноста и барем на момент да се заборави на овој црно-бел свет, а радоста да се сподели со гледачите и да се слави творештвото и уметноста како најголема универзална вредност, како зрак на светлост против мрачните стереотипи на заостанатоста и сето она кое ја убива човечката душа“, заклучува Мето.