Ако реалниот живот беше само бројки – просечната плата во Македонија за месец мај изнесуваше…


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Статистички пресметано, исплатената просечна нето-плата во Македонија за месец мај по вработен изнесуваше 36.465 денари. Сумата е на самата граница до заокружување на просек од 600 евра. Ама сето ова – во бројки.

Според податоците на Државниот завод за статистика, мајскиот индекс во однос на забележаниот една година претходно е 116.1. Тоа се објаснува, пред сѐ, со зголемувањето на исплатениот просек во секторите административни и помошни услужни дејности за 25,5 проценти, стручни, научни и технички дејности за 21,4 и во финансиски дејности и дејности на осигурување за 18,8 насто, пренесува специјализираниот портал за финансии, бизнис и личен развој, Пари.

Во споредба со април, статистиката вели дека раст има во други услужни дејности – 5,3, стручни, научни и технички дејности за пет и во транспорт и складирање за 4,3 проценти.

Гледано по сектори и по висина на исплатенот просекот, состојбата е следна:

*Објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 27.480 денари

*Земјоделство, шумарство и рибарство – 28.627 денари

*Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината – 28.755 денари

*Административни и помошни услужни дејности – 30.595 денари

*Преработувачка индустрија – 31.713 денари

Во рамките на овој сектор има голема разлика од просечните примања во дејноста производство на кожа и слични производи од кожа – 24.214 денари до исплатение 55.734 денари во производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати.

*образование – 33.418 денари

*Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли – 33.978 денари

*Дејности во врска со недвижен имот – 34.629 денари

*Уметност, забава и рекреација – 34.679 денари

*Транспорт и складирање – 35.129 денари

*Градежништво – 35.706 денари

*Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување – 38.269 денари

*Дејности на здравствена и социјална заштита – 39.686 денари

*Други услужни дејности – 45.847 денари

*Стручни, научни и технички дејности – 45.980 денари

*Рударство и вадење на камен – 47.786 денари

*Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација – 48.302 денари

*Финансиски дејности и дејности на осигурување – 53.792 денари

*Информации и комуникации – 70.703 денари

И во овој сектор има голем распон меѓу просечните плати. Во издавачката дејност се работи за 32.247, а кај компјутерското програмирање, консултантски и сродни дејности – 93.536 денари.

За потсетување, на четиричлено просечно семејство во мај му биле неопходни 49.025 денари за да ја задоволи минималната синдикална кошница. Од нив – 19.532 денари или 44,34 отсто за исхрана и пијалаци. Стапката на инфлација во мај беше измерена со 11,3 проценти.

Последните статистички податоци за исплатената просечна плата во мај, според соопштението на Владата, покажуваат дека „владините мерки даваат позитивни резултати и просечната нето плата во земјава континуирано расте и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза“.