Ако не се распушти Собранието, ќе се отпишуваат каматите од долговите на граѓаните


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Доколку Собранието на Република Македонија не се самораспушти, граѓаните ќе се спасат од каматите за старите долгови кои, со носење на нов закон за таа цел, поддржан од пратениците и на власта и на опозицијата, нема да треба да ги плаќаат.

Законот го помина комисискиот филтер и во него се вградени амандамните кои произлегоа од барањата на здруженијата на граѓани. Текстот предвидува Законот да стапи во сила веднаш по објавувањето во Службен весник, а не по три месеци како што претходно беше предвидено. Извршителите ќе наплатуваат вкупно 20% од трошоците, а приватните фирми кои треба да ги избршат каматите имаат рок од десет дена да донесат одлука за отпис.

Станува збор за отпис на камати за неплатени комунални сметки, сметки за телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување заеднички простории и за наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, а за кои постојат решенија за извршување издадени од суд заклучно со 1 јули 2011 година и се дадени на нотар или извршител. Комисијата прифати повеќе амандмани на законот, кои беа побарани во јавната расправа.

Законот е предлог на сите политички партии, односно на околу 90 пратеници и од власта и од опозицијата. Во подготовката учествувале и сите доверители кон кои граѓаните имаат долгови.

Седницата на која би се гласал овој закон ќе биде ставена на дневен ред по завршувањето на седницата за уставните амандмани. Ако нема консензус и дојде до нови избори, Законот за отпис на каматите ќе чека да се состави нов парламент.