Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Една средба со премиерот Зоран Заев ги омекна позициите и ставовите на првиот човек на албанската ДУИ, Али Ахмети во врска со претстојните претседателски избори и можноста за консензуален претседателски кандидат со владејачката СДСМ.
По средбата со премиерот, Ахмети излезе со став дека заеднички бараат пат за да одат со консензуален кандидат со СДСМ.
„Одржав средби со претседателот на најголемата партија во земјава г. Зоран Заев и ја анализиравме целата ситуација и остана јас да дискутирам, да го отворам како прашање во партиските органи и да се види можноста за некаков пат за санирање на недоразбирањата кои се случија меѓу нашите партии, за да можат да се надминат. И за доброто на земјата би било да имаме заеднички кандидат и да се разговара со сите политички субјекти за да се постигне консензус“, рече Ахмети.
Ахмети додаде дека доколку се надминат недоразбирањата меѓу ДУИ и СДСМ, тогаш ќе се дискутира и за можните имиња за кандидат. Од друга страна, премиерот Зоран Заев додаде дека партискиот конгрес ќе се одржи на 3 март и тогаш ќе одлучат со кој кандидат ќе се оди на изборите. Беса на Биљал Касами инсистира на заеднички кандидат со Алијансата за Албанците, а Беса на Африм Гаши се уште ги разгледува модалитетите.
Запрашан за предвремени парламентарни избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека не мисли дека ќе има предвремени избори, бидејќи според него, државата има многу поважна агенда. На предвремени парламентарни избори инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, од партијата на Мицкоски веќе имаат неколкумина кандидати за претседател од кои кон крајот на следната недела ќе се избере еден со кој ќе се настапи на изборите.