Агим Нухиу: МВР достави барање до Влада за разрешување на Чавков


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу бара разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Ваквиот чекор следува по инцидентите во Собранието што се случија минатиот четврток, во кои беа повредени повеќе лица, меѓу кои и пратеници.

– Сакам да информирам дека до Владата на РМ поднесов предлог за разрешување на Митко Чавков од функцијата директор на БЈБ. Со писмена наредба назначив нов координатор на Оперативниот штаб, Горанчо Савовски, државен советник во БЈБ. На крајот уште еднаш сакам да ги повикам и да ги охрабрам вработените во МВР – сите да бидат еден покрај друг и професионално да продолжат да си ја вршат работата – рече Нухиу на денешната прес-конференција.

Тој информира дека е формирана работна група составена од професионалци во МВР која има задача да утврди дали Оперативниот штаб и организациските единици на МВР постапувале согласно утврдените процедури во текот на инцидентите во Собранието. Заклучоците од извештајот на работната група, рече министерот, ќе бидат дел од известувањето што ќе му го предаде на Јавното обвинителство за понатамошно постапување.

– Дел од структурите на МВР ѝ предизвикаа голема штета на нашата држава и на демократските вредности. Тоа што се случи во четвртокот во Собранието беше големо зло. За да ја поправиме оваа штета, ќе биде потребно долго време и ангажман не само од сите служби на МВР туку и од другите институции, како ЈО и судовите – рече Нухиу.

Тој ги повика сите вработени во МВР да се вклучат активно и да доставуваат службени материјали за настаните во Собранието.

– Враќање назад нема. Работите мора да се расчистат докрај и секој ќе одговара за своите постапки – истакна Нухиу.