Агенцијата за национална безбедност го открила „кртот“ кој ја објави строго доверливата белешка за бегството на Камчев


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Агенцијата за национална безбедност (АНБ) го открила кртот кој ја објавил службената белешка, а во која се предупредувало за можно бегство на бизнисменот Орце Камчев, брифираат од АНБ, а пренесува Фокус. Поточно, иако станува збор за таен документ, оваа белешка набрзо по апсењето на бизнисменот, беше објавена на социјалните мрежи.

Од Агенцијата информациите ги споделиле со Обвинителството, од каде што очекуваат да го расчистат случајот, за да не се случи и во иднина да протекуваат вакви информации, кои се со назнака “строго доверливо”.

Од АНБ исто така истакнуваат дека не излегле од своите надлежности постапувајќи по овој случај, додавајќи дека се е документирано, а во истото ја убедиле и собраниската надзорна комисија. Од Агенцијата прецизираа и дека станувало збор за информација, а не службена белешка, не откривајќи дали бизнисменот Камчев бил таргетот. За сето ова бил известен и највисокиот државен врв.

По оваа информација на АНБ, која беше доставена и до Обвинителството, во март Камчев заврши во притвор, поради опасност од бегство.

Неделникот “Фокус” веќе пишуваше дека, во февруари годинава, Камчев, или можеби подобро речено, луѓето кои биле со него, станале интерес на АНБ. Нашите извори тогаш појаснуваа дека Агенцијата за национална безбедност, според овластувањата кои ги има, си ја вршела работата, односно вниманието им го привлекле бугрските разузнувачи кои престојувале на наша територија. Во меѓувреме, дошле и до информации дека бизнисменот Камчев планира бегство во Бугарија, по што не тргнале да го апсат, бидејќи немаат таква надлежност, туку навреме ги информирале соодветните институции, во случајот МВР и Обвинителството, во кое Камчев се јавува како осомничен во две истраги.