Агенција за храна: Храната во Леар каде што имаше труење на работници не била со поминат рок


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Инспектори за храна од Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Санитарната инспекција, во текот на вчерашниот ден направија вонредна инспекциска контрола во фабриката „Леар“ во Тетово, каде 23 лица пријавиле лесни симптоми на труење со храна.

Направена е контрола во мензата каде се послужувала храна за вработените при што е констатирано дека истата била дистрибуирана, чувана и послужена во услови на соодветен температурен режим, во оригинално пакување, со адекватен рок на употреба.

Со извршената контрола во мензата каде се послужувала храната утврдено е дека истата ги исполнува соодветните хигиенски услови, поради што не е изречена мерка за нејзино времено затворање, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Со цел утврдување на причините за појавата на труењето, од страна на инспекциските служби земени се мостри за лабораториско испитување од храната која била послужена, од работните површини во мензата, како и од вработеното лице кое ја послужувало храната, а на кое му било извршено и дополнителен здравствен преглед.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека ќе продолжат да го следат случајот и да ја информираат јавноста за секоја новина врзана со него.

Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира во услови на високи температури и зголемен ризик од расипување на храната и појава на труења, граѓаните да внимаваат од каде купуваат храна, односно истата да ја набавуваат од регистрирани оператори, каде се запазени безбедносните критериуми, како и да водат сметка на личната и хигиената при подготовка и чување на храната, се вели во соопштението.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата лично, на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 или на електронската адреса [email protected].