Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Првите изјави на Анџела Агелер, новата амбасадорка на САД во Македонија, после само нецел месец откако ги предаде акредитивните писма на македонскиот претседател, веќе предизвикаа бројни толкувања за евентуалниот нов пристап на американската дипломатија кон Македонија.
Агелер уште на 5 август на сослушувањето во Сенатската комисија за нејзината номинација рече дека ќе работи „да ѝ помогне на Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери“. Во тој тон продолжува да дава изјави и во Македонија.
Агелер не заборави да потсети и дека САД во Македонија вложила милиони долари на име на унапредување на демократијата, на правосудството, на човековите права, слободата на медиумите, владеење на правото… и дека сега дојде времето за отчет.
На 14 ноември новата амбасадорка на САД во Македонија, Анџела Агелер, на својата прва јавна активност по стапувањето на должност од Охрид рече дека Македонија и Македонците направиле тешки компромиси за членството во НАТО и за почетокот на преговорите со Европската Унија.
„Ако некој ми кажеше во 2013 година дека оваа земја ќе го смени своето име за да стане најновата членка на НАТО, јас ќе речев дека тоа не е возможно. Ама го сменивте. И денес за вашата иднина и иднината на вашата генерација имате нов предизвик, а тоа е ЕУ-интеграцијата. Оваа земја и овие граѓани направија повеќе од доволно за да ги отворат преговарачките процеси. Влегувањето во ЕУ ќе ја направат попросперитетна и постабилна оваа земја“, рече амбасадорката Агелер на отворањето на меѓународната конференција „Објективот на младите за мир и помирување“, а од младите побара да бидат силата што ќе ја води државата напред и покрај многубројните предизвици и пречки.
Неколку дена пред Охрид, на 8 ноември на предавањето на акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски, амбасадорката Анџела Прајс Агелер рече дека земјава од нејзиниот последен дипломатски престој минала низ бројни искушенија, дека и името на државата го смени, но додаде дека нѐ чека светла иднина со нови предизвици. „Ви го давам мојот личен завет дека ќе стоиме рамо до рамо со луѓето на оваа земја, така како што земјата ги остварува своите цели за мир, просперитет, безбедност и независност за сите свои граѓани“, рече Агелер.
Тоа дека ќе стои рамо до рамо до луѓето на оваа земја, а не со политичарите, Агелер брзо и го потврди. Нејзината изјава дека резулатите од изборите за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за САД се збунувачки, предизвика силни реакции во јавноста, а особено во правосудните кругови.
Американската амбасадорка Агелер пред два дена во изјава за „360 степени“ изрази отворено незадоволство од исходот на неодамнешните избори за нов шеф на ОЈО ГОКК.
„Ние, во Амбасадата на САД секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки од позадина треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните, порала амбасадорката на САД во земјава“, Анџела Агелер.
Новиот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, не ја коментираша оваа изјава на американската амбасадорка.
И уште еднаш да потсетиме на нејзиното ветување за време на сослушувањето пред Сенатската комисија во Вашингтон за тоа што ќе прави во Македонија: „САД и Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери“.