Аферата „Нефа мебел“: Стотици граѓани измамени и ограбени – салоните преку ноќ затворени


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Српско-руската компанија за производство на мебел, „НЕФА мебел“, преку ноќ затвори ланец продавници ширум Македонија и Србија, притоа оставајќи стотици купувачи кои уплатиле нарачка на мебел измамени и ограбени.

Во Македонија „НЕФА мебел“ има десетина продавници. Екипата на Алсат-М извести дека вчера ги посети салоните во Градски трговски центар во Скопје, во Тетово и во Гостивар. На трите локации продавниците се под клуч. Само во Гостивар, на социјалните мрежи граѓаните реагираат дека биле извисени стотина клиенти.

„На 4-ти мај плативме за еден кревет. Ни рекоа дека за 28 ќе биде готов, но еве, од рокот кога мебелот требаше да се испорача поминаа две недели, а креветот не го добивме. Денеска разбравме за тоа што се случило, разочарани сме. Парите ни ги земаа, а ние останавме без ништо“, рече Арта Сејфули – оштетена граѓанка од Гостивар за Алсат-М.

Гостиварци сè уште не пријавиле ниту еден случај во полиција. Во СВР Тетово, пред два дена измамена граѓанка пријавила дека иако улатила висока сума за нарачка од „НЕФА мебел“, ниту мебелот бил испорачан, ниту пак парите ù ги вратиле. Во Скопје, досега двајца оштетени пријавиле во полиција. Од МВР велат дека го следат случајот.

Руската компанија „Спилит“ која го произведува мебелот за „НЕФА“ пред два дена престана да работи во Србија, оставајќи зад себе долгови и стотици работници на улица. Во соседна Србија затворени се 34 продавници. Српскиот портал „Блиц“, пишува дека револтирани клиенти упаднале во магацин на фирмата во Нов Белград и почнале да си земаат дел од складираниот мебел.