Аферата „НЕФА“: Измамените муштерии бараат помош, финансиска полиција „ќе чешла“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Координирана акција на надлежните служби на терен работи на истражување на аферата „НЕФА“ во која компанијата за производство на мебел во една вечер ги затвори сите свои продажни центри во Македонија и Србија и остави измамени стотици граѓани кои имаа уплатено за набавка на мебел кој го чекаа по порачка да им пристигне.

Државниот пазарен инспекторат ги повикува засегнатите граѓаните да го пријават својот случај во пазарната инспекција. До сега, само во Скопје пристигнати се триесетина претставки од потрошувачи кои платиле, а не ја добиле својата нарачка.

По барање на пазарната инспекција, податоци за компанијата прибира и Финансиската полиција.

Од Јавното обвинителство потврдуваат дека МВР веќе презема дејствија за утврдување на факти и прибирање податоци потребни за натамошниот тек на постапката. По доставување на прибраниот материјал во Јавното обвинителство, надлежен јавен обвинител ќе донесе одлука за натамошно постапување.

Од Руската амбасада за Сител велат дека тие немале контакт со претставници на оваа компанија, ниту имаат информации дали навистина се работи за руска инвестиција. За случајот и тие дознале преку медиумите.

Освен во Македонија, Нефа ги затвори сите свои салони и во Србија, како и фабриката за производство на мебел во Врање.

Во меѓувреме, менаџерскиот тим на компанијата од Русија преку писмо се обратил до српските медиуми со порака дека сите купувачи и вработени ќе бидат обештетени. Ветуваат дека до крајот на месецов компанијата ќе обезбеди пари доволни за да ги подмири своите обврски кон вработените и купувачите, а дополнително ќе ги информирале потрошувачите како ќе ги добијат парите. Неизвесно е дали тоа ќе се случи и во Македонија.