Афера „Радарски систем“: Рашковски се извини и најави дека ќе тужи новинари и медиуми


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, најави тужби против новинари и медиуми кои ќе ги поднесе утре поради, како што изјави тој, лаги, клевети и навреди порвзани со неговото име и функција во рамки на аферата за набавка на радарски систем која е актуелна периодов кај нас, пренесува Макфакс

Рашковски најави дека ќе поднесе тужба против Климент Чепуњовски, разрешен директор на техника во М-НАВ, поради неовластено тонско снимање, а дополнително за клевета и навреда најaви дека ќе ги тужи и Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Момировски, Љупчо Златев, Љупчо Палевски, Миленко Неделковски, Ирена Радовановиќ, Ваљон Беља и партијата Беса.

Арбитражна постапка, како што кажа Рашковски, ќе биде поднесена против порталите „Курир“, „Експрес“, „Инфомакс“ и „Лидер“.

Рашковски на прес-конференцијата која ја одржа денес во врска со скандалот за набавката на радарски систем за Македонска навигација (М-НАВ) повеќе од половина час преку презентација и слајдови ги убедуваше новинарите дека опозицијата и дел од медиумите кои ја објавија снимката шират лажни вести. Тој потврди дека гласот на снимката е негов и додаде дека е несериозно да се објават само 15-тина минути од разговорот којшто траел околу еден час.

„Жално е кога партија која 11 години беше на власт, не знае кои се ингеренциите на генерален секретар на Владата. Жално е заради тоа што компанијата М-НАВ е во целосна сопственост на Македонија. Ние слушнавме во бомбите со што се занимавал генералниот секретар за време на ВМРО-ДПМНЕ. Најверојатно со некои други документчиња. Во 2013 година, Собранието носи закон со кој се одобрува заемот за модернизирање на М-НАВ. Откако се потпишува договорот, се изготвува тендерска спецификација. Тој е потпишан и одобрен од Живко Поповски, татко на Никола Поповски. ВМРО-ДПМНЕ постојано држеше прес конференции против мене, но на некои луѓе не треба да им простувате, затоа што на добрината ви враќаат со лошо. До небо се извинувам на сите кои се нашле повредени во оваа верзија од разговорите, се извинувам и до Италија, ромската заедница, каде имам мал милион пријатели“, истакна Рашковски.