Афера Фрчкоски-Андов: „Се тужи ли одлепен човек?“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако скопска „двојка“ пресуди времено стопирање на продажбата и располагањето на книгата „До атентатот и по него“ од Стојан Андов, македонската јавност ја тресат реакциите во однос на тензијата меѓу Љубомир Фрчкоски и Стојан Андов.

Мерката за книгата од Андов е изречена по тужбата на Љубомир Фрчкоски за повреда на неговите лични права, односно за клевета од авторот на книгата во врска со атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров, пренесува Дојче Веле.

Од Основниот суд Скопје – 2 ја велат дека се работи за времена мерка, со која се забранува понатамошна продажба и располагање на книгата до правосилно завршување на постапката за утврдување на одговорност за клевета, и надомест на нематеријална штета.

Обвинителката Вилма Рускоска вчера оцени дека времената мерка е задоцнета.

„Кога пишуваш некоја книга во која изнесуваш работи, дали вистинити по твое, дали невистинити, сепак, пред објавувањето треба тие луѓе што се засегнати во таа книга, да бидат запознаени и да имаат можност да реагираат пред излегувањето на книгата од печат. Со времената мерка од страна на судот има некое задоволство, но какво, кога веќе толку луѓе ја имаат книгата. Многу е задоцнета“, рече Русковска во синоќешното гостување на ТВ „21“ .

Фрчкоски: Злоупотребена е слободата на говорот

Во истата емисија, тужителот – универзитетскиот професор и поранешен министер, Љубомир Фрчкоски, изјави дека му била непријатна целата процедура со тужбата за клевета, но и неизбежна.

„Чудно е кога луѓе кои ги знаете ќе одлепат комплетно, и цртајќи ја својата улога во транзициска Македонија се обидуваат себеси да се самолоцираат како централни. Тоа, за жал, му се случува на Андов. Тој практично ја злоупотребува слободата на изразување за прилично шокантни клевети кои имаат консеквенци за граѓанските права на лицата кои ги напаѓа. Да те обвинат дека си убиец, во основа, е перверзија и апсурдност на слободата на говорот“, рече Фрчкоски.

Запрашан дали во книгата го претставил Фрчкоски како убиец, Андов за Дојче децидно негира.

„Нема врска. Си умислува. Фрчкоски е претставен токму таков каков што бил – неуспешен министер за внатрешни работи, кој не спречи да се случи атентат врз претседателот Глигоров, кој не ја заврши истрагата и за тоа требаше да поносе одговорност. Вистинска истрага всушност и немаше, а 23 дена никаде го немаше и Фрчкоски. Тој се криеше. И сега изјавува дека јас сум ‘одлепил’. Па, се тужи ли ‘одлепен’ човек?“, иронично прашува Андов.

Реакциите во јавноста се различни. Дел сметаат дека е несвојствено да се изрекуваат вакви забрани, други – дека секој мора да понесе одговорност за искажаниот збор ако тој не кореспондира со вистината. Дел се уверени дека проблемот не е во книгата на Андов, туку во изјавите што ги дал еден од промоторите на оваа книга, кој всушност изрекол серија клевети на адреса на Фрчкоски.