Актуелно

Адвокатот Давидовиќ: Исто како и „бомбите“ и снимката со пајакот и полицајката е од јавен интерес

Никаков статус на класифицирани информации на снимките од безбедносните камери не го спречува МВР да ги објави снимките и да се знае што се случило во случајот со Асани, полицајката и пајакот, тврди адвокатот Давидовиќ.

Камерите за управување со сообраќајот немаат класифицирани информации и со тоа МВР може јавно да ги објави снимките од нападот на полицајката при извршување на службената должност. Ова го тврди адвокатот Ѕвонко Давидовиќ за „Макфакс“ по изјавата на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Лазо Велковски, дека нема јавно да се објават снимките од моментот кога била нападната полицајката од страна на високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани. Според Давидовиќ, јавен интерес е да се види дали полициските службеници подлежат на притисоци наметнати од политичарите.

„Долго време во државата се објаснува дека јавниот интерес е поважен отколку приватниот или друг интерес. Бомбите беа објавување туѓи разговори, но јавниот интерес беше побитен. Тие разговори откриваа начин на незаконити дејства на државни функционери. Ова се камери за управување на сообраќајот, а снимките не се класифицирани информации. Камерите снимаат кој поминува таму. Самиот настан не е класифицирана информација. Напротив, ако висок партиски функционер ѝ се заканува на полициска службеничка, тоа открива многу за начинот на кој тој ја работи функцијата, а тоа е јавен интерес. Јавен интерес е и начинот на кој полицајците се подлежни на притисок од страна на политичарите. Ако тврди дека не била удрена, а се утврди дека била, тоа е лажен исказ. Ако таа потклекнува на притисок од политичари, МВР не може да ја извршува работата со ваков припадник“, вели Давидовиќ за „Макфакс“.

„Постои законска процедура во кои рамки и на кој начин се обезбедуваат снимките и се доставуваат до ОЈО. Од тие причини ние не сме во можност да ги објавиме снимките во медиумите, туку наша законска обврска е сите снимки да ги доставиме до ОЈО“, вели Лазе Велковски, директор на БЈБ.

Високиот партиски функционер на ДУИ, Бекир Асани, не одговара на повиците за да даде одговор за тоа што се случило и како го коментира неговото однесување.

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top