„Адеми татковски ме молеше да го баталам случајот, Нухио ме потсети дека имам деца“ – ново писмо од инспектор Илиевски


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Ново писмо напиша и објави пред јавноста просветниот инспекторот Ѓорѓи Илиевски. Овој пат писмото е наменето до директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, против кого, како што вели, поднел барање за кривична пријава поради несовесно вршење во службата. Во писмото Илиевски му порачува на премиерот, Зоран Заев, дека проветрувањето треба да почне од Просветниот инспекторат.

„На 4 јули 2019 година на домашна адреса ми пристигнаа „заканувачки“ писмени дописи поднесени од директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, и од раководителот на секторот, Африм Саљиу. Дописот е опомена пред тужба за навреди и клевети, како што се наведува (содржината е иста) „искажани невистини изнесени во јавноста на 7 и на 11 јуни 2019 година на Факултети.мк, ТВ 21, Инфомакс.мк, Алфа ТВ, Нова Македонија, ТВ Телма и други медиуми, кои бараат преку истите портали во рок од 48 часа од моментот на добивањето на предметната опомена да се произнесам со ставови кои ќе значат демантирање на претходно напишаното и изреченото и јавно да се извинам…“

Само да ве потсетам вас, поднесувачите на заканите на „Опомена“, на мал историјат.

На ден 9 мај 2019, вие, директоре, свикавте состанок за наредниот ден со Одделението за високо образование во 9 часот, во вашата канцеларија. Беа повикани сите инспектори од високо образование и јас како раководител на тоа одделение.

На тој состанок, кој беше организиран и подготвен од вас и раководителот на секторот Африм Саљиу, целосно се разговараше за извршениот инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово-Правен факултет, а по однос на унапредувањата во наставно-научните звања, особено за моите констатации од надзорот на јавните државни владини функционери. Вербално грубо ме нападнавте, во присуство на колегите, да се повлечат записниците и да не се праќаат решенија, оти ќе сум имал последици. Ако не ги повлечам записниците и не смеам да пуштам решенија, ќе ми се одземаат предметите, може да има дисциплинска и слично. На тоа се надоврза и раководителот на секторот, Африм Саљиу, кој целосно ве поддржа, почна да ни чита членови од Законот за високо образование на нас, инспекторите, небаре ние не го знаеме Законот.

На вака организираниот состанок од вас двајца, јас како раководител во одделението за инспекциски надзор за високо образование, зедов збор и истакнав дека јас со долгогодишно работно искуство, а од јануари 2020 година одам во пензија, сакам професионално и законито да работам, и законитоста да дојде до израз, а не политиката која сакате да ја спроведувате. Ви кажав дека јас сум самостоен инспектор, стојам зад тие констатирани незаконитости, се потпишувам и одговарам. На тоа, вие, директоре, ми упативте закани дека ќе имам последици и дека може да ми ги одземете предметите (по втор пат кажавте) и дека ќе се поведе постапка против мене. На тоа ви одговорив дека може да правите што сакате, но јас сакам професионално да си ја завршам работната кариера, а за ваквите закани ќе бидат информирани домашните и странски институции, Државната комисија за спречување на корупција, како и средствата за јавно информирање. Како што и направив и пак ќе го правам со факти и аргументи кои ги имам и пред средствата за јавно информирање, нели сме правна држава. Воедно ви истакнав на состанокот (пред другите колеги) дека од страна на Универзитетот по добиените записници немам нивно произнесување. Да биде изненадувањето поголемо на самата седница, вие, директоре, во координација со раководителот на секторот (кој беше премногу загрижен бидејќи има посебен конфликт на интереси на Правниот факултет при Универзитетот во Тетово, оти таму како асистент работи неговата ќерка), на состанокот ми го покажавте произнесувањето на Универзитетот во Тетово по записниците, заведени од архивата на Државниот просветен инспекторат на 8 мај 2019 година, како и некои договори за интелектуални услуги. Произнесувањето и договорите за интелектуални услуги лично ги добил раководителот на сектор Африм Саљиу, без никаква достава до поднесувачот на записниците, а од вас, се сеќавате (сигурно), на самата седница го примив произнесувањето и добиените договори за интелектуални услуги (напишав дека е примено на 10 мај 2019 година) кои ги вршеле јавните функционери.

Да биде изненадувањето уште поголемо, на самата седница од вас ги добив пликата со поштенски картончиња каде што на 8 мај 2019 година ги испратив решенијата за УТ кои ги доставив преку архивата на Државниот просветен инспекторат. Каков е овој однос, зошто прикривање кога има незаконитости. Зошто заканување? Кои се интересите? Кој треба да биде навреден, јас или вие? Јасна е играта – нападот е најдобра одбрана. За целокупната состојба цела документација е доставена до Државната комисија за корупција и до кабинетот на премиерот Заев.
Информиран за состојбата лично беше и министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој татковски ме молеше да се забошоти и прикрие целиот случај. Односот на министерот беше коректен, за разлика од заменик-министерот за внатрешни работи, кој бараше да се сокрие целиот случај, а и со укажување дека имам семејство и деца.
Зошто вие не реагиравте во одбрана на вашиот вработен?

Вака исто не реагиравте кога бевме нападнати јас и колегата на Меѓународниот универзитет во Струга, туку од ваша страна бевме критикувани зашто се испратени писмени дописи до сите институции и средства за јавно информирање. Вашата дадена наредба како директор е чин на прикривање, забошотување на вистината што се случува во нашата институција. Но, да знаете доколку не сте знаеле. Јас сум експерт по детски и човекови права, а не роб, како што вие очекувате да бидам. Ќе почекате. Кој треба да биде навреден, јас или вие. Нејсе.

Продолжувате со допис за мене добиен на своето работно место (на ден 4 јули) од вработен во инспекторатот. Тој допис (бр.09-552/1) од 2 јули 2019 година, меѓу другото „… барате да се произнесам во писмена форма како настапувам, пред медиумите (Факултети.мк, Инфомакс.мк, во весникот Нова Македонија, ТВ Алфа, ТВ Телма и други медиуми), изнесувам информации од Државниот просветен инспекторат во врска со извршениот инспекциски надзор кој се однесува на работењето на Државниот просветен инспекторат…“

Директоре (колега) Спироски, пред да ви одговорам на дописот од 2 јули, само да ве потсетам дека јас бев примен од францускиот амбасадор во нашава држава г. Кристијан Тимоние, кому му дадов мои книги во кои пишувам за „Состојбите и потребите за квалитет во високото образование“. Да ви кажам дека бев добро примен од амбасадорот, кој мошне добро ги познава состојбите во високото образование кај нас. Тој воедно е лично запознат за овие и други јавни функционери. Тоа вас ви пречи. Ќе се радувам ако и вие напишете нешто за „О“.

Да ви одговорам за вашиот допис:

Сакам да ве замолам, врз основа на кои ваши овластувања ги црпите ваквите ингеренции да ме задолжите да ви одговорам во писмена форма? Ве замолувам да ми доставите опис и попис на вашето работно место и конкретно овластување како би можел да постапам по вашето барање. За ова однапред ви благодарам за соработката и разбирањето.

А сега за „застрашувачката опомена пред граѓанска тужба за навреди и клевети“, барам да ми одговорите:

– Дали извршените редовни инспекциски надзори, конкретно во однос на наставно-научните звања се согласно Годишната програма за работа на Државниот просветен инспекторат;
– Дали инспекторите, како и јас како нивен раководител, имавме патни налози за извршување редовен инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово и потпишани од вас? Дали имаше подготвено акционен план за извршување на инспекциски надзори на јавните и приватните факултети, како и за научните институти. Ако „не се сеќавате“, сигурно ќе ве потсети инспекторот Африм Саљиу. Ако и тој не се сеќава, ве упатувам да побарате од Државната комисија за корупција, таму има целокупна документација;

-Дали вие лично бевте целосно запознаени од мене и другите колеги од извршениот редовен инспекциски надзор?;

-Дали сте запознаени со целокупната документација од инспекцискиот надзор?;

-Дали бевме заедно на средба кај министерот за образование и наука и отворено зборувавме за неговото и другите унапредувања во наставно-научни звања и интелектуалните услуги кои ги изведувале и за кои земале парични средства? Дали татковски ме замоли да се сокрие целиот случај, бидејќи е скандал?;

-Дали од ваша страна беше стопирано од архивата (на инспекторатот) да не смее да одат дописи кон Универзитетот во Тетово?;

Kолега Африм, дали вашата ќерка работи на Правниот факултет како асистент, каде што вие извршивте вонреден инспекциски надзор? Ако е да, а е да, тогаш јавно да ѝ се извините, пред сѐ, на вашата ќерка, бидејќи има конфликт на интереси, односно непотизам. Колега Африм, дали сте награден од страна на министерот за образование и наука со добивање посебна канцеларија на 9. кат? Нека ви е честито!

Што ќе добијат колешките Даниела Кироска и Христина Јовановска, ќе покаже времето. Се залагаме за едно општество за сите. Законите важат еднакво за сите?!

Сакам да ги известам македонските граѓани, а и вас како „навредени и клеветени“. Јас не ве послушав (вас навредени…) и покрај заканите, да ги сокријам записниците и решенијата од инспекцискиот надзор, туку ги информирав домашните институции, кабинетот на премиерот Зоран Заев, странските амбасади во нашава држава, а пред сѐ, Државната комисија за корупција. Само да знаете дека е поднесено писмено барање од моја страна како раководител во одделението за инспекциски надзор за високо образование до Инспекцискиот совет за поведување дисциплинска постапка за тројцата инспектори Африм Саљиу, Даниела Кироска и Христина Јовановска за несовесно и нестручно работење (согласно член 16-а став 13 и член 19-а став 2 алинеја 1, член 19-б став 15 и член 45 став 6 од Законот за инспекциски надзор), исто така до Основното јавно обвинителство и Управата на финансиската полиција за поведување постапки за истрага за злоупотреба на користење парични средства за јавни функционери за извршување интелектуални услуги, како и со барање кривична пријава против вас директоре, Томе Спироски, кој искажувате на „АЛСАТ М“) дека од вонредниот инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово-Правен факултет „нема незаконитости во унапредувањата на јавните државни функционери Арбер Адеми и Агим Нухиу. Ај аирлија.

А за оној третиот, директорот за индустриска сопственост, ни збор што унапредувал од асистент во доцент и вонреден професор. Каде е вашиот професионален однос и на инспекторите? Зошто се кријат записниците од извршениот вонреден инспекциски надзор (06.06.2019 г)? Иако ги барав, не ми ги давате, а јас сум раководител на одделението… Со ова треба да се позанимаваат премиерот Зоран Заев и „вториот премиер“ Али Ахмети, како и институциите. Проветрувањето треба да почне и во Државниот просветен инспекторат. Дали ова е навреда и клевета. Не, само вистина и таа треба да дојде до израз.

Барам од директорот Томе Спироски и инспекторот Африм Саљиу, во рок од 8 часа да ѝ се извинат на институцијата Државен просветен инспекторат, затоа што во таа институција има чесни, совесни и професионални просветни инспектори.

За ова ќе бидат информирани кабинетот на премиерот Зоран Заев, „вториот премиер“ Али Ахмети и сите домашни и странски амбасади во нашата држава, како и средствата за јавно информирање, со цел едно општество за сите и законот да важи за сите еднакво“.

Извор: Фокус