Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонскиот фудбалски репрезентативец Аријан Адеми проговори јавно по одлуката на ЦАС за намалување на неговата суспензија од четири на две години.
Неговата голгота ќе заврши на 7-ми октомври, кога фудбалерот на Динамо Загреб ќе добие повторно можност да игра професионален фудбал.
И покрај тоа што Адеми докажа дека намерно не користел недозволени супстанци, судот не му ја укина казната, туку само му ја намали, одлука која не го задоволи во целост македонскиот репрезентативец и Динамо.
„Прво сакам да ви се заблагодарам на сите што од самиот почеток ми дававте поддршка и верувавте во моја невиност. Ја преживеав најтешката година и пол во мојот живот. Кога паднав на допингот бев шокиран, не можев да поверувам, затоа барав и Б анализа, потоа доживеав тешка голгота, добив четири години забрана и се прашував како ќе продолжам без фудбалот бидејќи тоа е мојот живот“, изјави Адеми на пресконференцијата.
„Не знаев како тоа дојде во моето тело. Тоа ми беше најтешко. Казната требаше да ми биде целосно укината, поради то не се чувствувам како победник. Во соопштението на судот стои една реченица која ми ја враќа вербата во мојата борба, пишуваше дека Адеми не мамел. Ќе се вратам уште посилен, по ова психолошки ќе бидам посилен од било кога. Тренирам, играм тенис, мал фудбал, се трудам да останам во форма“, додаде македонскиот репрезентативец.