Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Костур (или денес на грчки Касториа) е прекрасен град лоциран во западниот дел од Егејска Македонија, истовремено и административен центар на општина Костур и главен град на костурскиот округ.
Самото пристигнување во градот нуди епска глетка на раскошната локација каде што е сместен Костур веднаш над езерските води.
Костур лежи на бреговите од Костурското езеро, под падините на планинскиот венец Грамошта (Грамос) и има импресивна полуостровска форма која понира кон езерското пространство на костурските води. Поради тоа, прошетката по кејот на Костур е вистинско уживање кое нуди фасцинантни глетки кои ги полнат очите со убавина.
Кога пристигнавме во Костур, на едно малечко плотадче веднаш до езерото се одржуваше некаква прослава на која свиреше блех оркестар кој, меѓу другите, на наша молба ја засвири и познатата егејска песна Ибраим оџа, во одлична инструментална верзија. А исвирија и неколку други македонски песни од егејскиот регион. Кога ја прашавме една од девојките која послужуваше храна на веселбата „што се слави“, таа едноставно ни одговори на шега дека „веселбата е во чест на свинскот месо“ (бидејќи тоа се служеше, заедно со бесплатното вино кое се точеше).
Шетањето по костурските улици кои водат од едниот крај на градот кон другиот, како своевиден превој, е само по себе и иницијација во градскиот живот на Костур. Кога сте на „врвот“ од градот кој се наоѓа на извишувањето од малечкиот полуостров, се пружа прекрасна глетка на костурската околина и природа.
Сончевиот декемвриски ден нудеше прекрасни услови за опуштено шетање и впивање на костурските урбани и природни убавини. Истовремено, тоа беше и инспирација и мотивација да го посетиме Костур и на пролет, кога сета природа и зеленило ќе бидат во полн расцут. Срдечно ви препорачуваме да го посетите овој егејски град кој некогаш бил целосно населен од македонско население. И денес, кога ќе влезете во некој угостителски или продажен локал, нема да ве зачуди што добар дел од луѓето разбираат македонски јазик, а некои од нив и одлично го говорат.
Текст и фотографии: Александар Војнески