ТАРАТУР РЕПОРТАЖА: Невеска – егејското Крушево


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На надморска висина од 1.350 метри, скрасено во едно симпатично и заштитнички настроено вдлабнување на висините од Нередска планина (која се протега во западниот дел од Егејска Македонија, и која го заградува Леринското поле како дел од Пелагонија, поврзувајќи се со Баба планина преку превојот Вигла), тихува и ги чува спомените од своите бурни минати времиња гратчето Невеска.

28.12.neveska1

28.12.neveska2

Некогаш прилично населено место, со околу 3.500 жители, како дел од околината на Лерин, денес ова сместо има околу 50-тина постојани жители кои се грижат за неговиот културолошко-туристички опстој, бидејќи од грчкото министерство за култура е заштитено како културно наследство поради неговата автентична архитектура.

28.12.neveska3Архитектура во Невеска (погоре и подолу на фотографиите)

28.12.neveska4

За гратчето, кое, слично како Крушево, отсекогаш важело за место населено со влашко население, првите историски податоци датираат од отоманските дефтери од 1481 година, кое оттогаш било познато под името Невеска (денес го носи грчкиот назив Нимфаио), кога броело само 6 домаќинства. Според историските записи, селото е населено во 1385 година од Влашките патници, кои тогаш имале тешки битки со отоманската војска.

28.12.neveska6

28.12.neveska7центарот на Невеска

Во раниот 17-ти век неговото население гратчето го направило центар на кујунџискиот занает, по што ќе бидат познати и другите влашки населени места во Македонија. Но, она по што најмногу се памети Невеска и нејзиното непокорно население во срцето на Егејска Македонија, е бурниот период од Илинденското востание, поточно настанот кој во историјата останува запаметен како „Ослободувањето на Невеска“.

28.12.neveska8

28.12.neveska9училиштето

Заедно со Крушево, Илинденското востание носи ослободување на уште две македонски населени места – Невеска и Клисура во Егејска Македонија. Во невеската битка, на 12 август, осум дена после ослободувањето на соседното гратче Клисура, Невеска било ослободено од илинденските востаници на четите од Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Марко Иванов и Никола Андреев. За почетокот на борбата за ослободување во костурскиот регион се разбрало по пренесувањето на прогласот кој набрзина го составил Лазар Поп Трајков, а кој гласел:

„Востанието е објавено денес. Македонија е во отворена борба со тиранинот. Отаде Вич борбата е започната од денес наутро. Ги повикуваме сите способни да носат оружје, по утврдениот редослед, да влезат во редовите на борците! Да живее борбата за слободна Автономна Македонија! Да живеат борците!“

28.12.neveska10

28.12.neveska11

28.12.neveska12

Ослободувањето на Невеска, како и ослободувањето на Клисура, било дело на здружените востанички чети од Костурскиот и Леринскиот востанички реон. Врз основа на разработениот план кај селото Псодери, операцијата за ослободување на Невеска била изведена под команда на искусниот војвода Васил Чакаларов, а во содејство со војводите Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Никола Андреев, Никола Мокренски и др. Во нападот учествувале околу 700 востаници кои од четири страни настапувале кон градот.

28.12.neveska13

28.12.neveska14

Нападот, со силен оган, во три часот наутро, го започнал леринскиот одред кој напаѓал од северната страна на Невеска. Четирите одделенија на војводата Иван Попов, со прецизна стрелба оневозможиле турските војници да дојдат до оружјето, а други три се доближиле до војниците. Забележувајќи дека од спротивната страна нема стрелба, турските војници избегале во панично бегство во правец на Зеленич, оставајќи го оружјето и опремата. Веднаш потоа војводата Попов, од северната, а Андреев од јужната страна влегле во градот.

28.12.neveska15

28.12.neveska17црквата Свети Никола

По влегувањето во градот востаниците наишле на отпор од турските војници во касарната. Но, откако увиделе дека долго време нема да издржат, турските војнци избегале. Востаниците во касарната заплениле 37 модерни пушки маузер, 6.000 куршуми, воена опрема, шинели и друго, по што ја запалиле.

28.12.neveska18

28.12.neveska19

Денес Невеска има добро сочувана автентична архитектура која е репрезент на егејските неимари. Има неколку кафулиња среде автентичниот епицентрален амбиент на гратчето, продавници за сувенири. Ако одите во Невеска, задолжително да ги посетите црквата Свети Никола и училиштето, во кое се изложени фотографии од минатото на гратчето.

28.12.neveska21

28.12.neveska20

Невеска и денес плени со својата симпатичност и уникатност, а движејќи се по неговите улици, и со духот ќе се вратите во минатите времиња.

28.12.neveska22поглед од кај Невеска кон планината Сињак (или Снежник) десно, и таму лево ѕиркаат врвовите на Олимп

Фотографија и текст: Александар Војнески

*(историските податоци се земани од извори достапни на интернет)