Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Продолжениот велигденски викенд воедно донесе и комплет „викендашко“ убаво време кое како порачано ни дојде за едно привлечно велосипедско развозување низ нашата омилена Пелагонија која нуди импресивни рамничарски дразби, проследени со воодушевувачки панорамски погледи на околните планински масиви кои од сите страни стражарат околу неа.
Екипата, како и секогаш, непретенциозно голема, овој пат не повеќе од тројца луѓе, за опуштено, релаксирано и лезет пролетно возење по асфалтот низ пелагониските села (не дека преку зимата велосипедите ни беа хибернирани, далеку од тоа, ама сепак, пролетта ги нуди најубавите и најидеални временски услови за ваква рекреација). И без да ви должиме многу со детални и во случајов непотребно опширни описи на турата, ќе ви наведеме само основни параметри на рутата и топонимите, а останатото ќе им препуштиме да го раскажат фотографиите.
Првата дразба на патот – селската чешма во Мало Коњари
За секој кој е обожавател за рамничарско возење велосипед, далеку полесно и поедноставно од планинарскиот велосипедизам (многу моќна дразба и предизвик кој нуди убавини и силен адреналински набој, но за кој треба добра физичка подготвеност и добар, скап велосипед, заради ваша безбедност, што не е предуслов за ваков тип на рекреативно возење велосипед, каде можете да возите и со просечен точак), ова е една од оние идеално трасирани тури – немате потреба од носење на посебен багаж (освен можеби една резервна преслека на алишта, ништо повеќе), бидејќи на секои неколку километри поминувате низ живо и релативно развиено пелагониско село, каде можете тековно да си правите набавки за поткрепа со храна и освежување со некој пијалок, од локалните продавници. Значи, со многу љубов и волја во вас за возење велосипед, и со малку пари в џеб, можете да си овозможите интересно и привлечно велосипедско уживање кое би траело не повеќе од 5 часа, нормално, ако возите со опуштено средно темпо (истата тура, извозена со динамично темпо, би траела не повеќе од 3,5 часа, но тоа не е поентата, поентата е да се ужива).
Кон Кадино Село – со прекрасни пелагониски пејзажи околу нас (за жал Пелагонија во голема мера е под вода поради неколкуте изливања на Црна Река предизвикани од сезонските дождови, па полјоделската пролетна сеидба е генерално загорзена во добар дел од рамницата)
Почетокот на турата е од Прилеп, за потоа да поминете низ уште две општини, Кривогаштани и Могила, и во серија да ги поминете селата Мало Коњари, Кадино Село, Боротино, Обршани, Бела Црква, Воѓани, Бучин, Трновци, Ивањевци, Ново Лагово, а попатно, на непосредна близина од половина километар поминувате и до села како Свето Тодори, Подино, Вашарејца и Тополчани. Должина на турата – околу 65 километри. Теренот главно и најмногу рамничарски, со мали угорни делници кои најчесто се некој вид на мини превојчиња меѓу две села – ништо претенциозно, ништо посебно напорно и ништо опасно, секако. Ете, толку во дескрипцијата. Останатото на фотографиите, со некој пригоден текст под нив.
Молчалив дијалог на Месечината и осаменото дрво
Штрковите се веќе задомаќинети во Кадино Село
Преминуваме во нова регион – општина Кривогаштани ни посакува добредојде
Пасторална идила пред влезот во село Боротино
Продолжуваме понатаму, преку Обршани, Бела Црква, Воѓани, кон Бучин – прекрасна глетка кон Солунска Глава
Римскиот Стар Мост на Црна Река во селото Бучин
Легендарниот бучински рид на кој се наоѓаат остатоците од античкиот град Алкомена
Низа прекрасни панорами на околните планински масиви – уште еднаш Даутица и Јакупица со Бел Камен и Солунска глава, па (подолу) следни се Златоврв и прилепскиот Козјак, па уште една панорамска глетка на прилепските планини и врвови која ја вклучува и Селечка Планина
Мала пауза со поглед на дел од преостанатиот пат кон село Вашарејца кој се простира пред нас
Уживавме во крајпатните цветни убавини
Фантастичен панорамски поглед на Баба Планина со нејзините вгордеани врвови
Сцена како од разгледница пред влезот од селото Вашарејца – во позадина се наѕира Ниџе со Кајмакчалан
Продолжуваме кон Прилеп, со импресивни глетки на Солунска Глава кои ни ги полнат зениците и ни го возвишуваат духот
За овој пат толку, се надеваме дека сцените кои ви ги пренесовме тука, а кои прикажуваат еден многу мал дел од дразбите кои се редат и доживуваат во оваа велосипедска уживанција ќе ве привлечат и намамат и вие да ги искусите на непосреден начин.
Фотографии и текст: Александар Војнески