
Секој пат кога ќе помислиме дека пролетта ни е на дофат, налет на леден ветер нè потсетува дека зимата сè уште трае.
И тогаш посегнуваме по нешто проверено – нашиот црн капут, оној што оди со сè и нè спасува од секоја модна дилема, без разлика на пригодата. Иако можеби изгледа обично, тој всушност е еден од најразновидните модни парчиња што можеме да ги имаме.
Но, дали знаеме кој крој најдобро ни прилега? Сара Џесика Паркер знае – и не се откажува од својот омилен црн капут. Таа избира кроеви што го истакнуваат нејзиниот стил и силуета, покажувајќи како овој класичен моден избор може да изгледа крајно шик.
ИЗГЛЕД КОЈ СИТЕ ГО КОМЕНТИРААТ
Глумицата неодамна го привлече вниманието додека шеташе по улиците на Њујорк, на пат кон прославата на 50-годишнината на SNL Show. Нејзината модна комбинација беше пример за едноставна елеганција, составена од класични парчиња што секоја жена може да ги има во својот гардеробер.
Клучното парче беше долг, волнен, дворедно закопчан капут од Max Mara, со крој што потсетува на тренч модел. Под него носеше светкав фустан со долги ракави од Dolce & Gabbana, кој завршуваше веднаш под колената. Комбинацијата ја надополни со црни салонки со шилест врв и мини чантичка со капак, во истиот сјаен тон како фустанот. Иако стајлингот беше далеку од впечатливиот стил на Кери Бредшо, секако изобилуваше со луксуз и суптилна софистицираност.
Она што најмногу ни се допаѓа кај ваквите комбинации е тоа што можеме лесно да ги пресоздадеме во свој стил – со неколку клучни парчиња и малку модно чувство.
КАКО ДА ОДБЕРЕТЕ СОВРШЕН ЦРН КАПУТ СПОРЕД ТЕЛЕСНАТА ГРАЃА?
Секоја од нас може да го пронајде кројот што најдобро ги нагласува нејзините карактеристики – еве како:
Деликатна (Petite) градба – Избирајте пократки или миди капути што нема да ја “покријат” вашата фигура. Прилепени модели, како и струкирани кроеви, визуелно ќе додаваат висина. Доколку сте особено ниски, додајте нараменици или ремен во струкот за да добиете ефект на подолг торзo.
Песочен часовник силуета – Капут со ремен во струкот (wrap или trench модел) ќе ги нагласи вашите облини на вистинскиот начин. Избегнувајте прави или A-кроеви, бидејќи можат да ја “скријат” вашата фигура наместо да ја потенцираат.
Атлетска градба – Структурата е клучна! Избирајте модели со дефинирани раменици и поостра силуета, за да додадете женственост. Ременот во струкот ќе помогне да оформите силуета и визуелно да создадете облини.
Изразени облини (јаболковидна фигура) – Капут со A-крој, кој нежно се шири од струкот надолу, ќе помогне во балансирањето на пропорциите и ќе обезбеди елегантно паѓање на ткаенината по телото. Овие модели се особено ласкави за жени со пополни облини.
ЗОШТО ЦРНИОТ КАПУТ Е ИНВЕСТИЦИЈА?
Ова не е само уште едно модно парче – тоа е класика што ќе ве спаси во секоја ситуација. Без разлика дали одите на работа, вечерен излез или неформално дружење, црниот капут додава софистицираност во секоја комбинација.
Инспирирани од Сара Џесика Паркер, можеме да го пронајдеме моделот што совршено одговара на нашата градба – и да го носиме повторно и повторно, со леснотија и стил!