Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Тејлор Свифт е генерална победничка на MTV Video Music Awards за оваа 2023 година, бидејќи нејзината песна „Anti-Hero“ доминираше вечерта.
Свифт освои 9 одличја од 11 номинации, вклучувајќи ја и главната награда за видеоспот на годината, за најдобра песна, визуелни ефекти и најдобра поп-песна на годината.
– Ова е неверојатно. Фактот дека за оваа награда гласаат гледачите значи многу за мене, изјави таа.
Свифт ја доби и наградата за албум на годината („Midnights“), како и за најдобар уметник, на доделувањето во „Пруденшл центарот“ во Њуарк, Њу Џерси, САД.
Водителка на емисијата беше Ники Минаж, која исто така настапи и победи во категоријата најдобра хип-хоп изведба, за хитот „Super Freaky Girl“. Лил Вејн го отвори шоуто, додека други изведувачи беа Оливија Родриго, Карди Би и Меган Ти Сталион. Се прославија и 50 години хип-хоп со крајната изведба во којашто беа вклучени Ники Минаж, Ел-ел Кул Џеј, „Ран-Д.М.Ц.“ и „Грендмастер Флеш енд д Фјуриус фајв“ коишто ја израпуваа „The Message“.
Раперот Диди ја подигна наградата за „светска икона“ којашто му ја врачи неговата ќерка Ченс Комбс и Мери Џеј Блајџ и изведе избор од неговите најголеми хитови.
– Ова се тие 30 години. Му се молам на Бога да го работите она што го сакате цели 30 години!, изјави познатиот рапер.
Шакира, исто така, изведе cпој од неколку свои хитови земајќи ја наградата „Видеоавангард“.
– Сакам да ја споделам оваа награда со моите обожаватели кои секогаш ме поддржуваат „низ сито и решето“. Ви благодарам многу што сте мојата „војска“ во сите мои битки, изјави таа, меѓу другото, говорејќи англиски и шпански.
Ајс Спајс беше прогласена за најдобар нов уметник, додека Рема и Селена Гомез победија во инаугуративната категорија за најдобар афробит со песната „Calm Down“.
Успех имаше и за Италија бидејќи претходната група победничка на „Евровизија“ – „Манескин“ ја доби наградата за најдобра рок-песна, за „The Loneliest“.