80 години по нацистичките злосторства, семејствата на италијанските жртви добиваат надомест – ама не од Германија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во октомври 1943 година, откако нацистите почнаа брутална окупација на својот поранешен сојузник, германските трупи обесија шест италијански цивили на рид во јужна Италија како колективна казна за убиството на војник, кој бил во потрага по храна.

Осумдесет години подоцна, некои од роднините на лицата убиени во Форнели конечно ќе добијат дел од 12-те милиони евра што ги досуди италијански суд како надомест за траумата на нивните семејства.

„Сè уште го одбележуваме настанот секоја година. Не е заборавен“, рече Мауро Петрарка, правнук на еден од убиените, Доменико Ланчелота, 52-годишен римокатолик, татко на пет ќерки и еден син.

Сите освен еден од членовите на семејството што биле живи во времето на убиствата сега се мртви, но според италијанскиот закон, отштетата што им се должи сè уште може да се пренесе на нивните наследници. Ова значи дека Петрарка треба да добие околу 130.000 евра според условите на судската одлука од 2020 година.

Во ироничен пресврт, ќе плати Италија наместо Германија, откако ја загуби битката во Меѓународниот суд на правдата за тоа дали Берлин сè уште може да биде одговорен за штетите поврзани со криминалите и злосторствата од Втората светска војна.

Еврејските организации во Италија веруваат дека Берлин треба да плати за да ја признае својата историска одговорност. Но групите на жртвите стравуваат и дека Рим го одолжува справувањето со напливот од побарувања што може да бидат товар на државните сметки.

„Ова е многу мачно прашање, и од политичка и од правна перспектива“, рече Џулио Дизењи, потпретседател на Унијата на италијанските еврејски заедници (УЦЕИ), која го следеше ова прашање од името на еврејските жртви на нацистичките ужаси.

Студијата финансирана од германската влада и објавена во 2016 година проценува дека 22.000 Италијанци биле жртви на нацистички воени злосторства, вклучително и до 8.000 Евреи депортирани во логори на смртта. Уште илјадници Италијанци биле принудени да работат како поробени работници во Германија, што ги прави подобни за репарации.

Првите луѓе што веројатно ќе имаат корист од новиот владин фонд формиран за справување со побарувањата се потомци на шесте католички мажи од Форнели, кои биле обесени додека германските војници пуштале музика на грамофон украден од блиската куќа.

Нивното убиство се случило еден месец откако Италија потпиша примирје со сојузничките сили, завршувајќи го своето учество во Втората светска војна и напуштајќи ги нацистите, кои веднаш ја почнале својата окупација на земјата.

„Шкаф на срамот“

Во 1962 година, Германија потпиша договор со Италија со кој на Рим му исплати 40 милиони германски марки, во вредност од нешто повеќе од 1 милијарда евра во денешни пари, за кои двете нации се договорија дека ги покрива штетите што нацистичките сили ѝ ги нанесоа на италијанската држава и на нејзините граѓани.

Италија им даде пензии на оние што беа политички или расно прогонувани за време на конфликтот, како и на нивните преживеани роднини. Сепак, таа не понуди репарации за воените злосторства.

„Тие не ги гледаа воените злосторства и ова беше грешка. Можеби во тоа време мислеа дека сите извршиле воени злосторства, не само Германија, и не сакаа да тргнат по тој пат“, рече Лусио Оливиери, адвокатот што го водеше судскиот спор за Форнели.

Во 1994 година во канцелариите на воените обвинители во Рим беше пронајден шкаф полн со досиеја во кои се документирани стотици воени злосторства што никогаш не биле процесуирани.

Поттикната од т.н. „шкаф на срамот“, Италија сакаше да ги изведе нацистите на суд за нивната улога во повеќекратните масакри, додека судовите почнаа да им доделуваат репарации на жртвите.

Германија одби да плати, тврдејќи дека договорот од 1962 година ги спречува понатамошните барања. Во 2012 година, Меѓународниот суд на правдата го поддржа Берлин, но италијанските судови продолжија да ги разгледуваат случаите за обесштетување, велејќи дека за воените злосторства не може да се воведуваат ограничувања.

„Прашање на гордост“

Тужбата за Форнели, која беше отворена во 2015 година, беше и против Германија и против Италија, кои се обидоа, но не успеаја, да ја затворат постапката.

„Ми беше неверојатно што Италија застана на страната на Германија во случајот против нас. Беше како тие повторно да беа сојузници (во време на војна)“, рече Петрарка, кој е работник во Форнели.

Бидејќи сè повеќе случаи стигнуваа до судовите, тогашниот премиер Марио Драги во април 2022 година создаде фонд за покривање на растечките трошоци за надомести, надевајќи се дека ќе го затвори ова мрачно поглавје во историјата на Италија.

Рокот за поднесување нови правни побарувања истече на 28 јуни и италијанското Министерство за финансии, кое ги врши исплатите, изјави за Ројтерс дека досега добило известување за 1.228 правни тужби, но рече дека другите можеби сè уште не стигнале до него.

Во секоја тужба веројатно ќе бидат вклучени повеќе тужители, што значи дека 61-от милион евра наменети за репарации можеби не се ни приближно доволни за покривање на сите очекувани исплати, велат адвокатите.

Фондот веќе е надополнет од првичните 55 милиони, но Министерството за финансии вели дека е прерано да се каже дали тоа ќе биде доволно.

Владата, исто така, си даде право да ја разгледа секоја судска пресуда пред да одлучи дали ќе плати – додавајќи дополнителна бирократска пречка за барателите, иако владата негира дека им создава пречки за семејствата.

„Тоа е подбивање“, рече потпретседателот на УЦЕИ, Дизењи.

За Форнели има светлина на крајот од тунелот, вели Ројтерс. Според условите на владиниот декрет издаден во јули, првата исплата на локалното население треба да биде направена до јануари, иако градот инсистира дека нивниот случај е многу повеќе од кеш.

„Ова не беше за парите. Тоа беше за барање правда за воено злосторство, прашање на гордост“, рече градоначалникот на Форнели, Џовани Тедески.