Пекол во Грција: Гори најголемиот пожар забележан во ЕУ – досега изгоре површина колку цел Њујорк (снимка)


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во североисточниот дел од Грција веќе 11-ти ден гори шумски пожар во чие гасење учествуваат пожарникари од пет земји уништил област со големина на Њујорк, соопшти европската Служба за следење на климатските промени на програмата Коперник. Станува збор за најголемиот пожар кога било забележан во Европската Унија.

Поради силните ветришта и високите температури, пожарот кој изби во близина на градот Александрополис брзо се прошири во областа Еврос и минатата недела уби најмалку 20 луѓе. Тоа е најсмртоносниот пожар во Европа ова лето и претвори големи области во изгорена земја уништувајќи голем број куќи.

Службата за следење на климатските промени на социјалната мрежа Икс објави дека пожарот уништил најмалку 808,7 квадратни километри земјиште, што е повеќе од градот Њујорк, со површина од 778,2 квадратни километри. Во гасењето на пожарот учествуваат повеќе стотици пожарникари, вклучувајќи и пожарникари од Србија, Словачка, Чешка и Албанија.

Панајота Марагу, шефицата на одделот за заштита на природата од грчката подружница на Светскиот фонд за природата (ВВФ), кажа дека во пожарот настрадале најмалку 30 отсто од шумите во Националниот парк Дадија-Лефкими-Суфли. Станува збор за едно „од најважните подрачја во Грција и Европа“ според биодиверзитетот и живеалиште на бројни ретки птици грабливки.

Премиерот Киријакос Мицотакис одржал состанок за мерките за превенција на пожарите, а активистите за заштита на природата низа години ја обвинуваат Грција дека повеќе троши на гасење на пожарите отколку на превенцијата.

Портпаролот на Европската комисија кажа претходно денес дека Грција е соочена со „најголемиот досега забележан пожар на територијата на Европската Унија“ и истакна дека 27-те членки на ЕУ во моментов мобилизираат речиси половина од заедничките воздушни сили за да ѝ помогнат.

Грција по вторпат ова лето го активира Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, а ЕУ ѝ распореди 11 пожарникарски авиони од Хрватска, Франција, Германија, Шпанија, Шведска и од Кипар, хеликоптер „блекхок“ од Чешка, 407 пожарникари и 62 возила од Бугарија, Кипар, Чешка, Франција, Романија, Словачка и Србија.