Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Кризата за вода за пиење доби светски размери поради брзата потрошувачка и климатските промени.
Една четвртина од светската популација во моментов се соочува со недоволна количина на вода за пиење секоја година. Околу една милијарда луѓе се очекува да бидат погодени со недостаток на вода за пиење до 2050 година, според најновиот извештај на Светскиот институт за ресурси.
Недоволното количество на вода за пиење значи дека земјите ја користат речиси целата вода што ја имаат, односно најмалку 80 отсто од обновливите извори, се наведува во извештајот кој се објавува на секои четири години.
Податоците покажуваат дека 25 земји, кои сочинуваат 25 отсто од светската популација, имаат проблем со количината на вода за пиење, а петте најзагрозени се Бахреин, Кипар, Кувајт, Либан и Оман.
Дури и краткотрајната суша може да ги доведе овие места во опасност целосно да останат без вода.
„Водата е веројатно нашиот најважен ресурс на планетата, а сепак не управуваме со неа на начин што го одразува тоа“, вели Саманта Кузма, раководител на програмата „Аквадукт“ и еден од авторите на извештајот.
„Речиси 10 години работам на проекти за вода и за жал, приказната е иста речиси 10 години“, изјави Кузма за Си-ен-ен.
Глобалната побарувачка за вода е повеќе од двојно зголемена од 1960 година, а прогнозите велат дека ќе се зголеми за уште 20 до 25 отсто до 2050 година.
Зголемената побарувачка за вода произлегува од голем број фактори, вклучително и зголеменото население и потребите на индустриите како што е земјоделството, заедно со неодржливите политики за користење на водата и недостатокот на инвестиции во инфраструктурата.
Најголемата промена во побарувачката на вода ќе се случи во субсахарска Африка бидејќи се предвидува дека побарувачката за вода ќе се зголеми за 163 проценти до 2050 година.
„Еден поглед на субсахарска Африка, и гледаме дека побарувачката за вода вртоглаво расте“, вели Кузма, главно за домашна употреба на вода и за наводнување на земјоделските култури.
Во Северна Америка и Европа побарувачката на вода е на одредено ниво со одредени мерки за поефикасно искористување на водата. Но, тоа не значи дека ќе бидат погодени делови од овие региони.